На својата последна седница во 2025 година, Советот на Општина Тетово донесе одлука за воведување бесплатен автобуски градски превоз за учениците од основните и средните училишта во Тетово. На нив ќе им се доделат бесплатни картички, кои од денеска ќе можат да ги подигнат во просториите на јавното претпријатие „Тетово транспорт“.
„Картичките можат да се земат во просториите на претпријатието лоцирани на улицата Илинденска бр. 335, поточно во Универзитетот на Југоисточна Европа, Објект 701, канцеларија број 8. Учениците од основните училишта треба да ја подигнат картичката лично, во придружба на родител/старател, прикажувајќи идентификациски документ – пасош или извод од матичната книга на родени. Учениците од средните училишта можат да ја подигнат лично со пасош, лична карта или извод од матичната книга на родени“, соопшти „Тетово транспорт“.
Во Општина Тетово, односно во градот и во околните селски населби кои се во состав на Општината, има 12 основни училишта, во кои учат околу 9.500 ученици и пет средни училишта со околу 5.000 ученици. Со оваа мерка засега не се опфатени студентите од двата универзитета во Тетово.
Во иднина се предвидува оваа поволност да се прошири и на здруженија и институции, кои ќе потпишат посебен меморандум за соработка со Општината.
З. АНДОНОВ



