ОПШТИНА БИТОЛА ДОБИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ЗА ВИДЕОНАДЗОР, ПРЕДЛОЖЕНИ ТРИЕСЕТИНА ЛОКАЦИИ ЗА СНИМАЊЕ

    ОПШТИНА БИТОЛА ДОБИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ЗА ВИДЕОНАДЗОР, ПРЕДЛОЖЕНИ ТРИЕСЕТИНА ЛОКАЦИИ ЗА СНИМАЊЕЦелта на видеонадзорот е намалување на криминалот и насилството и одржување на хигиената. (Фото: СДК.МК)

    Околу 40 камери треба да бидат поставени на триесетина локации во Битола за градот да добие видеоназдор за поголема безбедност на граѓаните и јавните добра. Ова го предвидува физибилити студијата што по нарачка на Општина Битола ја изработи фирмата „Кабтел“ од Скопје, откако во 2021 Советот на Општина Битола го прифати предлог-проектот на Поинаку за набавка на опрема за видеонадзор на јавни површини.

    Во физибилити студијата е направено мапирање на клучни локации за снимање – влезовите на градот, клучните крстосници, пешачките зони, средните и основните училишта, парковите, деловите каде што се одлага комунален одпад, објектите за култура, плоштадот и Широк Сокак. Видеонадзорот ќе биде следен од еден центар, а Тони Ѓоргиев, претставник на „Кабтел“, рече дека приватноста на граѓаните нема да биде загрозена.

    Опфатени се сите аспекти од Законот за заштита на лични податоци, земајќи го предвид сегментот каде треба да се заштити приватноста, а каде треба да биде изложена, за да се заштити безбедноста на граѓаните. Податоците нема да бидат злоупотребувани, ќе се користат исклучиво за да се зголеми безбедноста на граѓаните и градот“, рече Ѓоргиев.

    Предвидено е камери да се постават и во парковите, каде што често се случуваат девијантни однесувања, како кршење клупи, дрвја, канделабри и друга урбана опрема. Изработувачот на студијата посочи дека за да се постават камерите, нема да бидат сечени дрвја, туку ќе се најдат соодветни места за да може да се снима потребниот агол. Воедно, за да се заштитат камерите од кражба или демолирање, се поставуваат две вкрстено.

    Во Општина Битола повеќе години наназад се зборува за потребата од видеонадзор, тоа е барање и од граѓаните. Целта е намалување на криминалот и насилството и одржување на хигиената“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Засега нема термин кога ќе биде изработен проектот за видеонадзор и кога ќе биде инсталиран на терен. Надлежните рекоа дека ова е обемен проект кој бара добивање бројни дозволи. Колку точно ќе чини, ќе се знае откако ќе се направи финалната пресметка.

    Во Македонија, видеонадзор има во Скопје на сообраќајниците и во Кавадарци.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира