Парите што учениците ги плаќаат за школски превоз ќе бидат рефундирани, најави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Тој рече дека прво треба да се собере бројот на запишани ученици во прва година средно, пред да се организира превозот.
Деновиве, Весна Баковска, претседателка на Комисијата за образование при СДСМ, обвини дека ученици од повеќе населени места во околината на Битола се оставени без организиран превоз до своите училишта поради неажурноста на Општина Битола.
„Помина половина месец од почетокот на новата учебна година, а Општината дури сега ги реализира тендерите за избор на превозници на ученици. Наместо да ги распише огласите навреме, Општина Битола дури на крајот од летниот распуст се сетила на обврската да обезбеди организиран превоз за учениците. Според податоците достапни во електронскиот систем за јавни набавки, Општината собирала понуди од превозниците до 30 август, па потоа ги оценувала дали се прифатливи или не. Додека помине периодот за жалби и се потпишат новите договори, учениците остануваат без организиран превоз“, рече Баковска.
Коњановски на денешната седница на Советот рече дека со зголемувањето на цените на превозот и енергенсите се зголемуваат и средствата што Општината ги издвојува за превоз на ученици и за греење во училиштата.
„За разлика од претходниот четиригодишен период, кога имало склучување договори за превоз на ученици и во декември, а дел од учениците се превезувале до училиштата со општински возила или пак средствата им биле рефундирани од страна на Општината, сега локалната самоуправа ја почна постапката веднаш по добивањето на конечниот број ученици и истата е во тек. За периодот додека учениците плаќаат за превоз, средствата ќе им бидат во целост рефундирани“, рече Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА