ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ НАБАВИ 5 НОВИ ВОЗИЛА СО ЛИЗИНГ НА 4 ГОДИНИ, ПО ИСТЕКОТ НА ДОГОВОРОТ ЌЕ Ѝ ГИ ВРАТИ НА ФИРМАТА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ НАБАВИ 5 НОВИ ВОЗИЛА СО ЛИЗИНГ НА 4 ГОДИНИ, ПО ИСТЕКОТ НА ДОГОВОРОТ ЌЕ Ѝ ГИ ВРАТИ НА ФИРМАТАЛизингот е во вредност од 160.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Пет нови возила, од кои една лимузина, три мали автомобили и едно патничко возило со минимум пет врати од типот „шкода“, ќе набави Општина Битола по пат на оперативен лизинг во траење од 4 години. Според тендерската документација на Секторот за финансиски прашања при Општина Битола, по истекот на договорот возилата ќе бидат вратени на економскиот оператор.

    Од Општина Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека постапката за набавката на 5 патнички моторни возила по пат на оперативен лизинг е веќе спроведена преку системот за електронски јавни набавки. Огласот бил објавен на први август и веќе е донесена одлука за избор која е објавена во системот за јавни набавки на 6 септември. Најповолен понудувач е Друштвото за лизинг Порше Лизинг ДООЕЛ Скопје, додека понудените возила се од типот на „шкода“.

    „Лизингот со кој Општината ги набавува возилата е предвиден за период од 4 години со вредност од 9.900.000 денари (oколу 160.000 евра), со тоа што сите трошоци и обврски за возилата се на товар на економскиот оператор“, соопштија од Општина Битола.

    Од таму влат дека ова било предвидено во планот за јавни набавки за 2024 година, за што биле обезбедени средства во буџетот за 2024 година за 2 поголеми и 3 помали возила. Велат дека на ваков чекор се одлучиле поради застарениот возен парк во кој поголем дел од возилата се веќе расходувани, со поминати над 500.000 километри.

    „Во изминатите 4 години се соочивме со голем број проблеми поради застарениот возен парк на Општината, што бараше чести поправки и сервисирања на возилата, како и зголемени трошоци за оваа намена, а многу често и покрај навремената интервенција, се случуваше возилата да бидат вратени во Битола од подалечни релации со шлеп служба. Ова ја отежнуваше работата на општинската администрација, а беше загрозена и безбедноста на вработените, како при патување за увид на реализација на инфраструктурни проекти, вршење инспекциски надзор или деловни состаноци надвор од општината во Владата, ресорните министерства или други институции со кои соработува Општина Битола. Од таа причина, надлежниот Сектор во општината алармираше за набавка на нови возила уште во 2020 година, кога постапката не беше спроведена поради ковид кризата“, соопштија од Општината.

    Понудувачот е обврзан да обезбеди зимски и летни гуми, редовно сервисирање, поправки во рок од 3 работни дена, возилата да ги одржува во возна состојба, регистрација, технички преглед, каско осигурување и друго. Понатаму можна е промена на договорот под услов двете страни да се согласни.

    Застарени се и камионите со кои Општина Битола го собира сметот, но одлуката на Советот да им додели милион евра за набавка на нови, за Јавното претпријатие „Комуналец“ во моментов е непотребно зашто сметаат дека побрзо ќе стигнат оние преку Министеротпо за животна средина од регионалната депонија која допрва ќе почне да се гаради.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира