ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА И ЗАСТАКЛУВАЊЕ НА ДВОРОТ ОД ЈЕНИ ЏАМИЈА КАДЕ СЕ НАЈДЕНИ ОСТАТОЦИ ОД САКРАЛЕН ОБЈЕКТ

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА И ЗАСТАКЛУВАЊЕ НА ДВОРОТ ОД ЈЕНИ ЏАМИЈА КАДЕ СЕ НАЈДЕНИ ОСТАТОЦИ ОД САКРАЛЕН ОБЈЕКТВо дворот на Јени џамија неколку години се прават археолошки истражувања, со цел да се дефинира опфатот на црквите, чии темели беа откриени уште при истражувањата во тремот на џамијата, односно во молитвениот дел. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола ќе обезбеди средства за да се заштитат најновите археолошки наоди, во кои има и остатоци од црква, во дворот на Јени џамија во Битола. Откако ќе заврши комплетно реставрацијата и конзервацијата на наодите во дворот, тој дел ќе биде застаклен како што е случај во внатрешноста на џамијата каде можат да се видат темели од поранешни цркви кои беа пронајдени во рамки на археолошките истражувања што подолго време се одвиваа во и околу џамијата.

    „Битола отсекогаш била град кој покажувал соживот на сите етникуми. Токму овој објект го покажува тоа, место каде имаме археолошки наоди на постоење на црква во минатото, но имаме и џамија. Во следниот период планираме, а ќе го предложам и како градоначалник на првата следна седница, а тоа е Општина Битола да донира финансиски средства со кои ќе може да биде направена заштита на овие археолошки наоди на црквата што постоела. На тој начин ќе покажеме дека умееме да ги сочуваме нашите вредности, соживотот, а и привлечноста за туристите по пандемијата“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Во дворот на Јени џамија неколку години се прават археолошки истражувања, со цел да се дефинира опфатот на црквите, чии темели беа откриени уште при истражувањата во тремот на џамијата, односно во молитвениот дел. Остатоци од сакрален објект беа откриени во дворот од десната страна на џамијата, а сега и во предниот дел. Со ова се проширува површината на која пред многу векови имало христијански храм во строгиот центар на Битола, каде што денес се наоѓаат Јени џамија и делови од Градски парк.

    „При последните археолошки истражувања се откриени делови од западниот ѕид на црквата, северниот ѕид на тремот на црквата, како и два придружни ѕида од различни архитектонски фази. Покрај овие елементи, откриени се и три гроба со движни добра, масивна мермерна база со отвори за оловни стеги и друго. Овие недвижни и движни добра понатаму ќе бидат предмет на стручно проучување и се очекува да дадат значајни податоци за средновековна Битола“, вели директорката за Завод и музеј Битола, Мери Стојанова.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира