ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПОЧНА ДА ЈА АСФАЛТИРА ГЛАВНАТА УЛИЦА ВО ХРОМ ОТКАКО ПОЛА ГОДИНА ГИ ОСТАВИ ЖИТЕЛИТЕ БЕЗ АВТОБУС

    ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПОЧНА ДА ЈА АСФАЛТИРА ГЛАВНАТА УЛИЦА ВО ХРОМ ОТКАКО ПОЛА ГОДИНА ГИ ОСТАВИ ЖИТЕЛИТЕ БЕЗ АВТОБУСОпштина Ѓорче Петров почна да ја реконструира улицата на 3 март. (Фото: СДК.МК)

    Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи за асфалтирање на главната улица во населбата Хром. Улицата Воин Драшкоци пола година е раскопана поради што жителите останаа без автобуски превоз и секој ден дишат прашина.

    Работниците ни рекоа дека сега поставуваат тампон, а в понеделник ќе почне и асфалтирањето.

    Општина Ѓорче Петров почна да ја реконструира улицата на 3 март. Реконструкцијата предвидува поставување нова атмосферска канализација, изведба на пешачки патеки и нов асфалт.

    „Пола година им треба да реконструираат улица од 900 метри. Па, за пола година неколку згради никнаа во населбата, а Општината една улица не може да направи. Се угушивме во прашината, колите ги искршивме по дупките и сме оставени без автобуски превоз, па мора да одиме по жештиниве пешки 20 минути до автобуската во Влае“, вели 45-годишна жителка на Хром.

    Градоначалникот Александар Стојкоски пред два месеца ни изјави дека радежните работи се одвиваат со поспоро темпо бидејќи изведувачот наишол на подземни инсталации.

    „Мора да се копа рачно за да не се погоди некоја цевка, па да се направи поголем проблем. Тоа што нема податоци за инсталациите под земја ни претставува голем проблем. Според најавите на изведувачот, за еден месец улицата ќе биде готова. За проблемот со автобусите ќе разговарам со надлежните во ЈСП ‘Скопје‘ за да се најде решение за јавен превоз за жителите“, ни изјави Стојкоски во јуни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира