ОПШТИНА КИЧЕВО НАЈАВУВА РЕШАВАЊЕ НА ДОЛГОГОДИШНИОТ ПРОБЛЕМ СО УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ГРАЃАНИТЕ БАРААТ СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ, А НЕ ПРИВРЕМЕНИ АКЦИИ

    ОПШТИНА КИЧЕВО НАЈАВУВА РЕШАВАЊЕ НА ДОЛГОГОДИШНИОТ ПРОБЛЕМ СО УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ГРАЃАНИТЕ БАРААТ СИСТЕМСКО РЕШЕНИЕ, А НЕ ПРИВРЕМЕНИ АКЦИИСпоред најавите, мерките ќе вклучуваат организирано заловување, стерилизација, вакцинација и ветеринарна грижа. (Фото: СДК.МК)

    Општина Кичево најавува системско и институционално решавање на долгогодишниот проблем со уличните кучиња. Со планирани мерки насочени кон хумано згрижување, контрола на популацијата и зголемување на безбедноста на граѓаните, локалната самоуправа најавува трајно и одржливо решение на овој сериозен комунален и јавно-здравствен предизвик. Програмата за бездомните животни предвидува 5.000.000 денари од општинскиот буџет за изградба на засолниште, 1.200.000 денари за третман на кучиња скитници и 300.000 денари за кампања за подигање на јавната свест.

    Од Општина Кичево истакнуваат дека целта е воспоставување функционален систем кој ќе обезбеди контрола на популацијата и хуман однос кон животните, во согласност со законските прописи и европските стандарди. Во наредниот период се очекува реализација на активности што ќе го намалат бројот на улични кучиња и ќе го зголемат чувството на сигурност кај граѓаните.

    Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, вели дека решавањето на овој проблем е еден од врвните приоритети на локалната самоуправа. „Ова е проблем кој предолго се игнорираше. Нашата цел е да воспоставиме функционален и хуман систем што ќе обезбеди безбедност за граѓаните, но и достоинствен третман на животните. Нема да има импровизации, туку јасен план и континуирани активности. Сакаме да им овозможиме на граѓаните да се движат слободно, без страв од напади на глутници кучиња. Овој проблем ќе го решиме институционално“, вели Јовановски.

    Според најавите, мерките ќе вклучуваат организирано заловување, стерилизација, вакцинација и ветеринарна грижа. По третманот, животните ќе бидат сместени во ново засолниште кое Општината ќе го изгради во текот на 2026 година. Планот опфаќа и еутанизација на тешко болни и екстремно агресивни кучиња, како и воведување санкции за напуштање домашни миленици.

    „Секое заловено животно ќе биде испратено во центарот за третман, каде што мора да помине низ клинички преглед, хируршка интервенција (стерилизација/кастрација), вакцинација и чистење од паразити“, објаснуваат од Општината.

    Состојбата во Кичево е алармантна. Комуналната редарска служба минатата година регистрирала околу 500 кучиња на територијата на општината. Градот е рекордер и по бројот на напади — според статистиката на СВР Охрид, годишно има над 250 нападнати граѓани. Поради ова, општината исплаќа околу 7 милиони денари (115.000 евра) годишно за обесштетување на каснатите граѓани.

    Жителите на Кичево со години алармираат за овој проблем, кој одамна ја преминал границата на толеранција. Многумина се чувствуваат небезбедно, особено во утринските и вечерните часови. „Стравуваме кога ги носиме децата на училиште бидејќи често има глутници околу зградите и парковите,“ вели жителка од центарот на градот.

    Граѓаните апелираат активностите да бидат транспарентни и континуирани, со цел конечно да се стави крај на оваа долгогодишна криза.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира