Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска најави дека Министерството ќе го санира распуканиот пат во Теферич. Николоски рече дека Општина Кисела Вода и Град Скопје немаат капацитет да решат едно вакво сериозно свчелиште и проблематиката е далеку од нивните можности.
„Патот за Теферич е еден голем, исклучително сериозен проблем, имајќи предвид дека се работи за сериозно свлечиште. Проблематиката е далеку поголема од можностите и капацитетите коишто ги имаат Општина Кисела Вода и Град Скопје. На седница на Влада донесовме одлука со којашто целокупниот проект го презема Министерството за транспорт и врски. Веќе имаме изработено проект за стабилизација и санација и очекувам во најскоро можно време, а тоа е непосредно следната недела, да се распише тендер за избор на изведувач“, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода.
- ОПАСНО СВЛЕЧИШТЕ СТАНА РАСПУКАНИОТ ПАТ ВО ТЕФЕРИЧ, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ВЕЛИ СЕ ПРАВАТ СТРУЧНИ ПРОЦЕНКИ ЗА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ
- ПАК РАСПУКА ПАТОТ КОН ТЕФЕРИЧ, САМО ПЕТ МЕСЕЦИ ОТКАКО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА СТАВИ НОВ АСФАЛТ
-
Патот во Теферич односно улицата Мариовска во должина од 70-на метри, во февруари распука на половина само пет месеци откако беше реконструиран и поставен нов асфалт. Патот сега е свлечиште и постои опасност целосно да се излизга и падне. Создадена е огромна дупка која од ден на ден станува поголема и патот пропаѓа надолу.
Свлечиштетото се наоѓа на 200 метри воздушна линија односно на околу 85 метри висинска разлика над Домот за лекување зависности во Кисела Вода.
Движењето е забрането за возила но, според сликата на лица место, не е безбедно ниту движење на пешаци. Овој пат го користат жителите во Сопиште, Горно и Долно Соње и е клучна делница за голем број население затоа што опслужува голем број возила кои редовно циркулираат одовде.
А. АНТЕВСКА



