Општина Охрид чека Државниот градежен инспекторат да донесе одлука дали ќе им сe одземат ингеренциите за постапување со дивоградбите.
Откако на почетокот на месецов Државниот инспекторат влезе во контрола на работењето на општинските градежни инспектори за дивоградбите во Студенчишко Блато, заштитено како природно наследство во Охридскиот Регион, сега од Општината велат дека чекаат да видат каква одлука ќе биде донесена.
„Нашите инспектори постапиле за случајот Студенчишко Блато, излегле на терен и донесено е решение дека станува збор за дивоизградени објекти, само не се постапило, односно не се уривало. Чекаме да видиме дали Државниот градежниот инспекторат ќе ни ги одземе ингеренциите“, ни одговорија од Општина Охрид.
На нашето прашање зошто досега не се постапило, односно не се урнале куќите во Студенчишко Блато кои веќе се изградени, ни рекоа дека постапката за уривање не оди брзо.
„Општината треба да обезбеди средства, да распише тендер и да избере фирма за уривање“, велат од Општина Охрид.
По текстовите на САКАМДАКАЖАМ.МК дека во Студенчишко Блато цела година непречено на диво се градат згради и никој не постапува, во контола излегле државните инспектори. При увидот за водени предмети од овластени градежни инспектори на Општина Охрид, утврдено е дека од нивна страна се оформени 6 шест предмети за дивоградби во Студенчишко Блато, но не се целосно извршени работите кои на инспекторите им се доделени со Закон за градење и не се преземени сите инспекциските мерки, односно не се донесени решенија за уривање на дивоградбите.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 4 декември 2024 години објави текст дека во Студенчишко Блато цела година непречено на диво се градат дивоградби. Во септември 2023, по серија иницијативи за инспекциски надзор, наместо да бидат отстранети, двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој. Во јули 2024, пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација.
Лани во март во Охрид и Струга беше реактивната мисија на УНЕСКО откако претходно Охридскиот Регион остана на листата на светско наследство. Забелешките на УНЕСКО најмногу се однесуваа на дивоградбите и урбанизацијата во крајбрежниот појас од струшкото село Радожда до Свети Наум во Охрид, урбанизацијата во централното градско подрачје, нефункционирање на колекторот како и дивоградбите во Националниот парк „Галичица“.
Од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, кое го поднесе случајот и на платформата Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дека корупција и организиран криминал го уништува заштитеното светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
„Фронт 21/42 работи на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и немаме никакво сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото. Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат. Минатата година увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше, и сѐ уште важи, Решение за привремена заштита“, велат од Фронт 21/42.
Оттаму испратиле инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и до Општинскиот градежен инспектор, кои прераснале во шестмесечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид.
Од здружението велат дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста сѐ уште е земјоделско земјиште.
За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато од Фронт 21/42 се поднесени пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет, но реакција нема.
А. АНТЕВСКА