ОПШТИНА САРАЈ БАРА ВЛАДАТА ДА ГО ПРОГЛАСИ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЗА СЛОБОДНА ТУРИСТИЧКА ЗОНА, А КАМП ПРИКОЛКИТЕ ДА СЕ ТРГНАТ

    ОПШТИНА САРАЈ БАРА ВЛАДАТА ДА ГО ПРОГЛАСИ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЗА СЛОБОДНА ТУРИСТИЧКА ЗОНА, А КАМП ПРИКОЛКИТЕ ДА СЕ ТРГНАТОпштина Сарај го донесе планот за езеро Треска, но какви содржи се предвидуваат со него ќе презентира после Нова година. (Фото:Ѓ.Личовски)

    Камп приколките на езерото Треска во рок од 60 дена треба да се дислоцираат. Општина Сарај доставила писмено известување до сопствениците на приколките да ги отстранат бидејќи нема услови тие да бидат таму, како и заради реализација на новиот Детален урбанистички план. Сопствениците на приколките се револтирани од ваквото барање на Општина Сарај. Најавуваат протести и оставање на приколките пред зградата на Владата и пред бараките на Град Скопје.

    Градоначалникот Блерим Беџети за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Општината почнала два паралелни процеси за езеро Треска и тоа за дислокација на приколките и за прогласување на Треска за слободна туристичка зона.

    „Нашиот инспектор за животна средина на местото каде што се поставени приколките констатираше дека нема соодветни услови. Не се почитуваат прописите, многу од нив се заградени и доградени. Не можат тие кои се кираџии да бидат пречка за реализација на планот и повторно заживување на овој симбол на Скопје. Истовремено откако ги донесовме новиот детален план испративме во петокот испративме писмено барање до Владата за да се прогласи езерото Треска за слободна туристичка зона, со што ќе можеме да бараме инвеститори кои ќе го заживеат и уредат просторот“, вели градоначалникот Беџети.

    Што предвидува новиот ДУП и какви објекти ќе се градат околу езерото Треска, Беџети не кажа. Вели после новогодишните празници ќе организираат јавна презентација на планот и содржините за јавноста.

    Владата предводена од СДСМ лани дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што воедно ќе се врати во функција и езерото.

    Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 80-тите и 90-тите, функционираше како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото кое е длабоко од 1,6 до 3 метри се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години. Во 1998 година поради загаденост на водата затворено е за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање. Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира