ОПШТИНА САРАЈ ПОЧНА ДА ГИ УРИВА ОБЈЕКТИТЕ НА ЕЗЕРО ТРЕСКА

    ОПШТИНА САРАЈ ПОЧНА ДА ГИ УРИВА ОБЈЕКТИТЕ НА ЕЗЕРО ТРЕСКАСо уривањето на инфраструктурата Општина Сарај почнува со постапката за реализација на Деталниот урбанистички план односно изградба на хотелски комплекси и викенд населба. (Фото: СДК.МК)

    Општина Сарај почна со уривање на објектите и содржините на езерото Треска. Со градежна механизација се отстрануваат сега веќе запуштените бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, кои пред четириесетина години беа изградени со самопридонес на граѓаните.

    Со уривањето на инфраструктурата, Општина Сарај почнува со постапката за реализација на Деталниот урбанистички план (ДУП), односно изградба на хотелски комплекси и викенд населба. Општината пред Нова година им даде рок и на сопствениците на камп приколките да се иселат од езерото.

    Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Општината почнала два паралелни процеси за езерото Треска и тоа за дислокација на приколките и за прогласување на Треска за слободна туристичка зона.

    „Нашиот инспектор за животна средина на местото каде што се поставени приколките констатираше дека нема соодветни услови. Не се почитуваат прописите, многу од нив се заградени и доградени. Не можат тие кои се кираџии да бидат пречка за реализација на планот и повторно заживување на овој симбол на Скопје. Истовремено, откако ги донесовме новиот детален план испративме во петокот писмено барање до Владата за да се прогласи езерото Треска за слободна туристичка зона, со што ќе можеме да бараме инвеститори кои ќе го заживеат и уредат просторот“, изјави Беџети.

    Беџети тогаш најави дека ќе одржи тематска прес-конференција на која ќе претстави на јавноста што се предвидува да се гради на езерото Треска со новиот ДУП, но тоа сè уште не се случило.

    Владата предводена од СДСМ лани дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што воедно ќе се врати во функција и езерото.

    Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 1980-тите и 1990-тите функционираше како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото кое е длабоко од 1,6 до 3 метри се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години. Во 1998 година, поради загаденост на водата е затворено за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање. Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира