Еден милион евра од самопридонесот пред 30 години стојат како мртви пари во банка без камата, а со референдум беа изгласани за изградба на брана на реката Козјак. Ако има референдум за Договорот за добрососедство со Бугарија, Општина Штип најавува дека ќе бара од граѓаните истовремено да се изјаснуваат и за пренамена на средствата за браната на Козјак за подобрување на водоводната и канализационата мрежа како акутен проблем на градот.
Дали ќе има правни или други слични пречки за два реферндума во ист ден засега нема објаснување, но иницијативата ја поддржува и градоначалникот на Штип Иван Јорданов, кој смета дека со тоа ќе се заштедат пари и средствата од самопридонесот на граѓаните што со години стојат во банка без да се оплодуваат конечно ќе бидат искористени за општо добро на сите граѓани, затоа што застарената водоводна и канализациона мрежа неопходно мора да биде заменета со нова.
За комплетниот проект што Општина Штип го замислува парите од самопридонесот нема да бидат доволни, па градоначалникот најавува нови барања и за средствата од карго аеродромот кај Штип што турската компанија ТАВ ги преотстапи на државата за да може да се искористат за инфраструктурни објекти и проекти во сите поголеми градови, меѓу кои и Штип.
„Само така ќе можеме да решиме витални комунални проблеми на граѓаните, ќе се искористат нивните средства што тие пред 3-4 децении преку самопридонесот секој месец ги издвојувале од својот личен доход, а сега тие пари со години се депонирани во банка без да се пресметува камата и конечно, без никакви правни пречки со еден трошок ќе се извршат два референдума и оној на државно ниво и овој што е од локален карактер, а е од посебна важноста за граѓаните на Штип“, вели Јорданов.
Т. ЈОВАНОВСКИ