ОПШТИНА ШТИП ГО НУДИ ХОТЕЛОТ „ГАРНИ“ НА ДРЖАВАТА, АКО СЕ ОТКАЖЕ ЌЕ ОДИ НА ТРЕТА ЛИЦИТАЦИЈА СО ПОЧЕТНА ЦЕНА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРА 

    ОПШТИНА ШТИП ГО НУДИ ХОТЕЛОТ „ГАРНИ“ НА ДРЖАВАТА, АКО СЕ ОТКАЖЕ ЌЕ ОДИ НА ТРЕТА ЛИЦИТАЦИЈА СО ПОЧЕТНА ЦЕНА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРА Хотелот „Гарни“ во Штип е прогласен за културно наследство. (Фото: СДК.МК)

    По двете неуспешни лицитации во изминатите две години на кои никој не се јавил, Општина Штип со одлука на Советот, годинава по трет пат распишува оглас за продажба на хотелот „Гарни“ кој постои над 100 години и е прогласен за културно наследство.

    „Како културно наследство хотелот прво се нуди на државата, ако таа се откаже тогаш ќе оди на јавна лицитација со почетна цена од 500.000 евра колку што изнесуваше и во претходните две неуспешни лицитации на кои никој не се јави. Тогаш според одлуката на Советот ќе оди на нова јавна понуда“, вели секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова.

    Хотелот е со идеална местоположба, во центарот на градот, во непосредна близина на реката Отиња од чија спротивна страна е штипскиот Суд, како и во близина на трговскиот центар и Здравствениот дом во Штип.

    Овој објект е изграден во 1924 и на својата 101-годишнина ја очекува третата лицитација. Хотелот, кој десетина години не работи и е затворен, има седум соби, стари уредени балкони кои гледаат кон центарот на градот, мала сала за состаноци и подрумски дел за појадок или со вкупна корисна површина од речиси 300 квадратни метри и со летна бавча за ресторански забави и двор со вкупна површина од 200 квадратни метри.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира