ОПШТИНА ШТИП ЌЕ ГО ПЛАТИ ПАУШАЛОТ ЗА ГРАДИНКА ОД АПРИЛ ДО АВГУСТ

    ОПШТИНА ШТИП ЌЕ ГО ПЛАТИ ПАУШАЛОТ ЗА ГРАДИНКА ОД АПРИЛ ДО АВГУСТГрадоначалникот на Штип Благој Бочварски и директорките на двете градинки Билјана Трајчевска и Софче Атанасова јавно го најавија укинувањето на паушалот што требаше да го плаќаат родителите. (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип ќе ги ослободи граѓаните кои врз основа на склучен договор со градинките требаше да платат паушал за одржување на овие установи за време летниот период, а за возврат обезбедуваа сигурно место во градинка за своите деца. Се работи за паушал за 5 месеци, од април заклучно со август, во износ од 521 денар месечно, иако децата поради коронакризата беа дома, а градинките не работеа.

    „Управните одбори на градинките веќе предложија граѓаните да бидат ослободени од плаќање паушал за април, мај, јуни, јули и август, а наскоро оваа одлука ќе биде потврдена и од Советот на Општината. Станува збор за паушал за тековно работење на градинките, но поради пандемијата одлучивме трошокот за тековно работење да го покрие Општината, а граѓаните да бидат ослободени од оваа обврска каква што имаа и во минатите години за време летниот период“, најави градоначалникот на Штип Благој Бочварски.

    Според неговите пресметки, станува збор за вкупен паушал од 2,8 милиони денари што градинките ќе ги наменат за набавка на помагала, средства за дезинфекција и сè што е потребно за почнување на работата на градинките во време на коронакриза. Градинките веќе разработуваат планови за тоа по колку деца ќе бидат во една просторија. И со такви протоколи двете градинки во Штип годинава можат да згрижат 1.050-1.100 деца.

    „Детската установа ‘Астибо’, во чиј состав од оваа година ќе работи и новата градинка во населбата Сењак, има вкупен капацитет од 45 занимални во кои можат протоколарно да се згрижат 650 деца, додека во јавната установа за деца ‘Вера Циривири-Трена’ околу 400 деца“, велат директорките Билјана Трајчевска и Софче Атанасова.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира