Тетовскиот архитект Бошко Видоески неодамна напишал коментар на објава на официјалната фејсбук страна на Општина Тетово, во која општинските власти се пофалиле дека во позитивен контекст е спомната и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон членството во ЕУ.
„Кратко, напишав конструктивен коментар на пост на страната од Општината, во кој посочувам дека таа не смее да манипулира во дадена ситуација. На ова, некој вработен таму си зел за право да ми го избрише коментарот и да ме блокира од официјалната општинска фејсбук страна. Тоа не го направил сам, сигурно прашал претпоставен. Со ова јас сум оневозможен да бидам у тек со било која новост од Општината, имајќи во предвид дека фејсбук-страната им е нивно ексклузивно гласило“, вели Видоески.
По ова тој дал претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која, откако го разгледала случајот, утврдила дека врз него е направена дискриминација по основ на политичко убедување во областа на јавно информирање и медиуми од страна на Општина Тетово.
„По увид во наводите од претставката и доставеното дополнување, како и од произнесувањето на Општина Тетово во однос на настанатиот проблем, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатира дека во конкретниот случај е направена дискриминација врз основа на политичко уверување во областа на јавно информирање и медиуми од страна на Општина Тетово, од причини што по објавувањето на својот негативен коментар по однос на одредена тема која била објавена на фејсбук страницата на општината, на подносителот му бил оневозможен пристапот до страницата. На ваков начин, со ваквото постапување на Општината на подносителот му е оневозможено да биде информиран за активностите, како и слободно да го изрази своето мислење и став по однос на настани и активности кои се однесуваат на Општината во која живее поради негово ограничување, исклучување и нееднаков третман“, се вели во документот од КЗСД, што го добил Видоески.
Комисијата на Општина Тетово ѝ препорачува да му овозможи пристап на Видоески до фејсбук страницата во следните 30 дена, а во спротивно следи прекршочна постапка.
На барањето на Комисијата од Општина Тетово за произнесување по претставката, Општина Тетово одговорила дека имало технички проблеми кои биле надминати. Но, и покрај ова укажување на КЗСД и одговорот од даден од Општината, Видоески и понатаму не може да ја следи фејсбук страницата на Општина Тетово
З. АНДОНОВ



