Градоначалникот на Тетово Билал Касами продолжува со спроведувањето на идејата за именување и преименување на повеќе улици во градот. Иако одреден дел од граѓаните се противи на ваквата иницијатива, Општина Тетово на својот фејсбук профил објави дека од вчера е отворен јавен повик за прибирање предлози за преименување улици во градот.
„Се известуваат и повикуваат сите граѓани, правни лица, невладини организации, здруженија на граѓани и граѓански активисти кои претставуваат различни групи граѓани на подрачјето на Општина Тетово, заради обезбедување инклузивност и вклучување на јавноста, да достават предлози за преименување улици во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и за именување на новите улици. Јавниот повик ќе трае до 10.03.2025“, се вели во објавата.
Наспроти ова, Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи на традицијата од Тетово известуваат дека поднеле иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24.04.2007, која се однесува на тогаш направената промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
„Одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6, став 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик, поради што очекуваме Уставниот суд истата да ја укине како неуставна и незаконита. Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната Одлука и покрај тоа се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, од што произлегува потребата од постапка за нејзино укинување“, се вели во иницијативата до Уставниот суд.
- ТЕТОВСКИОТ СОЈУЗ НА БОРЦИТЕ ОД НОБ ГО ПРЕДУПРЕДИ КАСАМИ ДА НЕ ГИ ЧЕПКА ИМИЊАТА НА АНТИФАШИСТИТЕ ОД УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО
- УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО КОИ СЕ СО БРОЈ ЌЕ ДОБИЈАТ ИМЕ, А НЕКОИ КОИ СЕ ОД ВРЕМЕТО НА ПОРАНЕШНИОТ СИСТЕМ ЌЕ СЕ ПРЕИМЕНУВААТ, КАЖА КАСАМИ
Освен што немало одобрение од Владата за промена на имињата на улиците, за тетовските борци се спорни и некои имиња што тогашната локална власт им ги дала.
„Оспорената Одлука е спротивна на Законот бидејќи за одредени улици утврдила име користејќи странски јазик, а истото е испишано на кирилско писмо, иако и Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика ‘Конгреси и Манастирит‘ или ‘Дешморет е комбит‘, бидејќи се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо“, велат од Сојузот на борците од Тетово.
З. АНДОНОВ