Општина Центар донесе одлука од 8 јануари да поскапи паркингот на паркиралиштата на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ за 20 денари за еден час. Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општина Центар во 2019 година и „за“ гласаа сите советници.
Со новиот ценовник, за паркинг на паркиралиштата на ПОЦ ќе се плаќа 50, 60 и 70 денари, во зависност од зоната. Од Општина Центар велат дека ваквата одлука е донесена да им се овозможи похумано живеење на жителите на општината, со тоа што би се намалил бројот на паркирани возила во централното градско подрачје.
Поскапувањето се однесува само на паркирањето од час, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ПОЦ остануваат исти.