Општина Центар ниту на денешната седница не избра претседател на Советот. Ниту една партија нема мнозинство во Советот, а никој со никого официјално не сака ниту да коалицира, па затоа уште се функционира со претседавач кој е најстариот советник.
На почетокот на седницата, градоначалникот Горан Герасимовски рече дека неговата партија СДСМ иако има најмногу советници, 9, нема да предложи претседател, тоа го остава на другите партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица како и на граѓанската иницијатива Шанса за Центар. Од ВМРО-ДПМНЕ и Шанса за Центар рекоа дека тие свој предлог нема да имаат оти немаат исти гледишта по однос на тоа каква треба да биде работата на Советот. Левица за претседателка на Советот ја предложи нивната советничка Марија Сребровa. Потоа од СДСМ го предложија советникот од Шанса за Центар Јане Димевски, но тој кажа дека не го прифаќа предлогот. Левица потоа ја предложи и Виолета Велковска од ВМРО-ДПМНЕ, која како најстар советник е претседавач на Советот, но и таа не ја прифати кандидатурата. По ова, единствен кандидат остана советничката Среброва од Левица.
Пред да почне гласањето, советниците од СДСМ побараа пауза за координација. По паузата се прејде на гласање при што советниците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат и ја напуштија салата. И од Шанса за Центар рекоа дека нема да гласаат за предлогот на Левица.
На гласањето Среброва доби 5 гласа „за“ и тоа три од Левица и два од коалицијата на СДСМ. Другите советници од коалицијата на СДСМ не гласаа.
Бидејќи Среброва не го освои потребниот број гласови, односно за мнозинство потребни се 12 гласови „за“, Советот продолжи да работи со претседавач.
Потоа се премина на гласање на буџетот на Општината за 2022, кој беше усвоен со 20 гласови односно со гласови од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а Шанса за Центар беа воздржани.
А. АНТЕВСКА