Градоначалникот на Велес Марко Колев денеска ја врачи донацијата за детското одделение од Општа болница Велес, која е обезбедена со средства од Божикниот концерт на Сара Мејс и девојките, во придружба на Камерниот оркестар од Битола.
„Оваа донација ќе ни биде од голема корист. Добивме медицинска опрема, инфузиона пумпа- апарат за дозирано аплицирање на терапија во единица време, кој е потребен на децата. Добивме и заштитни наочари кои се потребни за заштита на очите на децата кога се на т.н. фото терапија и им пречи. Добивме и три телевизори, за да имаат забава додека лежат на одделение“, кажа педијатар д-р Елена Ангеловски началник на Детско одделение при велешка болница.
Во обезбедувањето на средства учествуваа Општина Велес кој го плати концертот, театарот кој бесплатно ја обезбедил салата и Општинската организација на Црвен крст, која беше вклучена во собирање на средствата и набавката на апаратите, како и болницата која посочила кои апарати се потребни.
„На оваа донација работевме неколку институции од Велес и денес ги врачуваме купените апарати и средства. Тоа што го побараа, тоа го обезбедивме. Идејата е благородна и очекувам дека и во наредните години ќе продолжи овој хуманитарен концерт, со што ќе помагаме на институции на кои им е потребна помош“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Од билети од концертот биле собрани 125.000 денари.
П. ПЕЧКОВ