ОПШТИНА ВЕЛЕС ГО ПРЕФРЛИ ЈАВНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ НА ЈП „ПАРК-СПОРТ И ПАРКИНЗИ“ ОТИ ТАМУ СТРУЈАТА СЕ ПЛАЌА ПО ПОНИСКА ЦЕНА

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ГО ПРЕФРЛИ ЈАВНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ НА ЈП „ПАРК-СПОРТ И ПАРКИНЗИ“ ОТИ ТАМУ СТРУЈАТА СЕ ПЛАЌА ПО ПОНИСКА ЦЕНАОд општината велат дека цените на електричната енергија ги надминуваат предвидените буџетски средства (Фото: СДК.МК)

    Со цел да се намалат трошоците за потрошената електрична енергија, која изминатата половина година драстично се покачи, локалната власт на Велес одлучи градското осветлување да го префрли на ЈП „Парк-спорт и паркинзи“. Советот оваа одлука ја прифати.

    „Цените на електричната енергија постојано се во пораст и ги надминуваат предвидените буџетски средства и претставуваат проблем за локалната власт“, велат од Општина Велес.

    Според законските можности, сите фирми кои имаат приход под два милиона евра и до 50 вработени можат да набавуваат електрична енергија на регулираниот пазар. Таму државата дала можност цените да ги определува Државната комисија за енергетика и во пракса се под тие на берзите.

    Советникот на СДСМ, Марјан Николов, поранешен член на УО на МЕПСО, имаше забелешка по кој основ се делегира надлежноста.

    „Не сме против да се делегира, но не можам да сфатам зошто за делегирањето се повикувате на Законот за енергетска ефикасност, кога тој е за друга намена. Во одлуката нема податоци колку пари ќе се заштедат ако надлежноста за јавното осветлување се префрли на ЈП ‘Парк-спорт и паркинзи‘“, реагираше Николов.

    По раскинувањето на договорот со универзалниот снабдувач во октомври, сметките на Општина Велес за јавното осветлување скокнале до месечно 8, 10 и 12 милиони денари за март. И Општина Чашка донесе ваква одлука и ја пренесе надлежноста за јавното осветлување на ЈПКД „Тополка“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира