Општината Штип, како организатор на фестивалот на забавна музика „Макфест“, сама ќе ги обезбеди наградите на фестивалот наместо Министерството за култура. Минатата недела, министерството донесе одука значително да го намали наградниот фонд од 26.500 евра на 3.000 евра.
Наместо, како што одлучи Министерството, наградите да изнесуваат, по 1.500 евра за најдобрата композиција, 1.000 за втората и 500 за третата награда, организаторот вели дека првата награда ќе изнесува 5.000 евра, втората 4.000 евра и третата 3.000 евра.
„Овие средства Општината Штип ги има предвидено за ‘Макфест’ со годишната програма за култура. За оваа намена буџетот издвои 4 милиони денари. Од нив е обезбеден новиот награден фонд“, вели координаторот на „Макфест“ Кирил Панајотов.
„Макфест“ ќе се одржи на 5, 6 и 7 октомври. Во Домот на културата „Ацо Шопов“ веќе е поставена сценографијата. Денеска пристигнуваат учесниците од Шведска, Финска, Бугарија, Таџикистан, Азербејџан и Белорусија кои ќе бидат во иста конкуренција со останатите 24 пејачи од Македонија кои ќе настапат на двете полуфинални вечери.
За финалето во сабота, шоуто е доверено на ланската победничка Александра Јанева.
Т. ЈОВАНОВСКИ