Повеќе градоначалници добиле известување од владини служби дека ќе се укинат финансиските издатоци за платите на чуварските служби кои ги обезбедуваат институциите сместени во општинските згради речиси во сите градови во Македонија.
Се смета дека без работа остануваат над 300 луѓе, кои од својата матична компанија „Никоб“ добиле формулари дека сами бараат да им престане работниот однос. Никој од вработените во обезбедувањето на општинските згради не ги пополнил формуларите, па бидејќи не добиле никакво објаснување што е со нивниот работен однос, од денеска се на боледување.
„Во разговор со неколкумина градоначалници од соседните општини се договоривме да им излеземе во пресрет на вработените и да бидат преземени од општините. Констатиравме дека со овие откази што ги дава ‘Никоб‘ власта прави обид да ги направи општините неуспешни, кои наместо за проекти, ќе мора да пренасочуваат средства за вработените во обезбедувањето на општинските згради, во кои е сместен голем број канцеларии на подрачни министерства, инспекторати и други органи на државната управа“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Тој најави дека за овој проблем ќе расправа и Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), но не верува дека одлуката ќе се смени.
Вработените на кои им било кажано од денеска да не доаѓаат на работа велат дека ќе си ги бараат неисплатените плати за февруари, март, па и за април.
Т. ЈОВАНОВСКИ