ОПШТИНИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ПРЕКУ РЕГИОНАЛНО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЌЕ ГО РЕШАВААТ ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ

    ОПШТИНИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ПРЕКУ РЕГИОНАЛНО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЌЕ ГО РЕШАВААТ ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИСтационарот во Струмица е готов и опремен (Фото: СДК.МК)

    Градоначалниците од Југоистокот донесоа одлука за формирање регионално јавно претпријатие кое ќе управува со стационарите за кучињата скитници и ќе врши нивно заловување, транспорт и хумано третирање во сите десет општини од овој дел на државата. Одлуката доаѓа откако во Струмица се изгради и опреми стационар за потребите на Струмичко-радовишкиот регион, а наскоро треба да почне и изградбата на стационарот во Валандово за потребите на Гевгелиско-Валандовскиот Регион.

    Со формирањето на регионалното претпријатие ќе се добие правен субјект кој ќе се грижи за овој проблем, вели претседателот на Советот на градоначалници од Југоистокот Коста Јаневски.

    „Се одлучивме за регионално јавно претпријатие кое ќе се формира врз база на меѓуопштинска соработка. За почеток ќе управува само со стационарот во Струмица, но ќе биде задолжен да го изгради и вториот стационар во Валандово. Прифатниот центар во Струмица е готов и опремен, а набавени се и возила кои ќе вршат заловување“, рече претседателот Јаневски.

    Средствата за изградба на двата стационара и за набавка на возилата во висина од 20 милиони денари беа обезбедени преку Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа, но и од буџетите на десетте општини. Преку УНДП беше опремен стационарот во Струмица, а беше изготвена и студија за управување со центрите.

    Југоистокот е прв регион во државата кој заеднички се обидува да го реши проблемот со кучињата скитници. Досега општините ангажираа приватни фирми и плаќаа од 8.000 до 10.000 денари за заловување и хумано третирање на едно бездомно куче.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира