После многу години работа во еден многу стар и крајно нефункционален објект, Црвениот крст од Тетово доби нови работни простории. Тие се наоѓаат во објект во близина на тетовската касарна кој досега Црвениот крст од Тетово го користеше како магацин. Дел од објектот е реновиран при што се обезбедени работни простории, сали и канцеларии, додека поголемиот дел и понатаму ќе се користи како магацин.
„Причина што се преселивме тука е потребата од повеќе простории. Стариот објект беше над сто години стара и дотраена зграда и ги немаше основните услови за работа. Освен ова, немавме и други услови за работа како паркинг, мали сали и канцеларии. Сега тука има две повеќенаменски сали за состаноци, за обука по прва помош, канцеларии и слично“, изјави Шкљќим Мурати, секретар на Црвен крст Тетово.
Новите простории се наоѓаат на улицата „Фуштанска“ број 2, односно улицата кај која завршува булеварот „Видео Смилевски-Бато“ кај касарната. Досегашниот објект на Црвениот крст од Тетово на улицата „Борче Кочовски“ нема да се употребува поради дотраеност.
З. АНДОНОВ