Драстично беше намалена исплатата на буџетски средства за обесштетување граѓани кои биле каснати од кучиња во Велес во 2023, споредено со 2022. Според податоците на локалната власт, ако пред две години беа исплатени безмалку шест милиони денари, лани оваа сума била нешто повеќе од еден милион.
Од Општина Велес соопштија дека по основ на каснување од куче, за 2023 исплатиле 1.088.388 денари, од кои 624.806 денари на физички лица и 463.582 денари на правни лица, адвокати. Градоначалникот Марко Колев вели дека тоа се должи на промената на постапката, бидејќи од лани е вклучена осигурителна компанија.
„Општина Велес има склучено договор со осигурителна компанија поради која се спроведуваа судски постапки за докажување на штетниот настан. Ова имаше влијание на два начина. Граѓаните кои претходните години правеле злоупотреба се одвраќаат поради долгите судски постапки, а има и доста постапки кои сѐ уште се во тек. Во моментов има еден активен предмет пред Основен суд Велес, два кои се со предлог за вонсудска спогодба, за еден се чека првостепена пресуда, три се одбиени и 75 случаи се пред Апелација“, кажа Колев.
Лани по пресуда биле исплатени 363.876 денари, по судски спор 674.512 и по спогодба 50.000 денари. Во полициската станица во Велес биле пријавени 92 каснувања од куче, а во болница 142 каснувања.
Општина Велес, согласно законската обврска, има склучено договор за контрола на популацијата на улични кучиња со Јавното претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња „Стационар Лана Струмица“. Вредноста на договорот е 1.000.000 денари.
За период од четири и пол години, 2020-2023, Општина Велес исплатила отштети во висина од 257.215 евра за каснување од кучиња.
П. ПЕЧКОВ