ОТКРИЕНА ЦРКВА ОД ПЕТИОТ ВЕК НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГРАДИШТЕ – БИСЛИМ ВО КУМАНОВСКОТО СЕЛО ПЧИЊА

    ОТКРИЕНА ЦРКВА ОД ПЕТИОТ ВЕК НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГРАДИШТЕ – БИСЛИМ ВО КУМАНОВСКОТО СЕЛО ПЧИЊАОткривањето на црквата потврди дека тврдината во Бислим била поголема населба што постоела подолг период. (Фото: СДК.МК)

    На локалитетот Градиште – Бислим во кумановското село Пчиња откриена е црква, која според првичните показатели е градена во 5 век и опстојувала во раниот среден век, потврдуваат наодите на Археолошкото одделение на Музеј Куманово по завршување на истражувањето. Со ова се потврдени претпоставките од минатогодишните ископувања дека на истражуваната локација постои црковна градба, но и дека тврдината во Бислим не била само привремено воено утврдување, туку поголема населба што постоела подолг период.

    „Во текот на овогодинешните ископувањата се откри олтарниот дел на црквата. Подот на оваа црква се наоѓа на околу 1,5 м под денешната површина, направен е од квалитетно изработена тула, која е поставена на малтерна или глинена подлога. Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 метри и широка скоро 9 метри“, велат од Археолошкото одделение.

    Ископувањата се вршени под раководство на Дејан Ѓорѓиевски, а се целосно финансирани од Министерството за култура.

    Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 метри и широка скоро 9 метри“, велат од Археолошкото одделение. (Фото: СДК.МК)

    Првичните показатели се дека црквата била градена во петиот век и дека егзистирала и во раниот среден век, што секако треба да се потврди со идните истражувања.

    „Она што е интересно се откриените фази на градење и доградување на црквата. Според поставеноста на фрагментарно сочуваната фреско декорација, видливи се две фази на градење (доградување) на самата црква, во кои подното ниво се издигнало на скоро 2 метрa во висина. Ова говори за интензивна градителска дејност, но и за подолг временски период на користење на црквата“, велат кумановските археолози.

    Црквата е поставена на самиот источен крај од тврдината, во непосреден контакт со бастионот на утврдувањето, што има симболично значење – жителите на населбата сакале да ја заштитат тврдината од нападите, преку директно инволвирање на божјата моќ во заштитата.

    Со ископувањето, освен претходно познатата правоаголна и петоаголна кула, откриено е и постоење на кружен бастион во челото на тврдината, односно на нејзиниот најистурен дел.

    Многу значајно е што овие ископувањата покажуваат дека тврдината во Бислим воопшто не била краткотрајно воено утврдување, туку се работи за поголема населба во и надвор од тврдината, која егзистирала подолг временски период.

    „Со оглед на тоа што северно од Градиште – Бислим постои уште едно помало утврдување од истиот период, јасно е дека по течението на Пчиња, дури и во навидум непристапната клисура, минувал значаен антички пат преку кој од северните делови на Балканот најбргу се пристигало на т. н. Виа Аксиа, односно на Вардарскиот пат, а понатаму и кон богатите антички центри на југ“, потврдуваат експертите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира