ОТКРИЕНИ НОВИ ОСТАТОЦИ ОД ЦРКВА И ХРИСТИЈАНСКИ ГРОБОВИ ВО ПАРКОТ ДО ЈЕНИ ЏАМИЈА ВО БИТОЛА

    ОТКРИЕНИ НОВИ ОСТАТОЦИ ОД ЦРКВА И ХРИСТИЈАНСКИ ГРОБОВИ ВО ПАРКОТ ДО ЈЕНИ ЏАМИЈА ВО БИТОЛАЈени џамија крие темели на три цркви кои датираат од седмиот, 11. и 13. век (Фото: СДК.МК)

    Уште неколку христијански гробови и садовна керамика се откриени при најновите археолошки истражувања што летово се проширија од левата страна на Јени џамија во Битола, на површина којa до неодамна беше дел од паркот.

    „Колегите од НУ Завод и музеј Битола и оваа година продолжуваат со археолошки истражувања во уметничката галерија Јени џамија во Битола. Во оваа фаза се откриени дел од југозападниот агол и делови од нартексот на христијански сакрален објект. Покрај овие недвижни добра, откриени се и неколку христијански гробови и садовна керамика“, рече директорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова.

    Вторпат годинава наидуваат на вакви наоди. Во февруари, при ископувањата во предниот дел од дворот на џамијата, беа пронајдени остатоци од црква и три гроба со движни добра. Исто така, беа откриени делови од западниот ѕид на црква, северниот ѕид на тремот на црква, како и два придружни ѕида од различни архитектонски фази. Над овие наоди ќе бидат ставени стаклени настрешници, па сите кои ќе минуваат покрај џамијата ќе можат да ги видат археолошките остатоци од стариот сакрален објект.

    „Што се однесува до претходните наоди, кои се лоцирани пред самиот објект на Јени џамија во непосредна близина на фонтаната, завршува административната постапка за добивање конзерваторско одобрение, по што, благодарение на веќе одобрените средства од Општина Битола, ќе се постават стаклени настрешници“, рече Стојанова.

    Во дворот на Јени џамија неколку години се прават археолошки истражувања, со цел да се дефинира опфатот на црквите, чии темели беа откриени уште при истражувањата во тремот на џамијата, односно во молитвениот дел. Според досегашните наоди, Јени џамија крие темели на три цркви кои датираат од седмиот, 11. и 13. век, а се смета дека едната од нив е некогаш најголемата црква во центарот на Битола, „Св. Ѓорѓи“. При ископувањата беа пронајдени два печата, сребрен со ликот на Свети Ѓорѓи и друг со ликот на Богородица во молитва. За највреден пронајдок се смета пекторалниот медалјон, на кој се изгравирани позлатени фигури на светци.

    Во внатрешноста на џамијата веќе е ставен стаклен под за да се гледаат темелите на црквите. Целта е објектот да ги обединува христијанското и исламското културно наследство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира