Четириесет и три илјади тони отпад од винската индустрија неповратно се фрла на депонии годишно без да се искористи. Ова се бројки кои се однесуваат на Вардарскиот регион, каде во девет општини работат 54 винарии од вкупно 80 колку што постојат во Македонија. Ова го покажа истражувањето за искористеноста на органскиот отпад од винската индустрија во Вардарскиот плански регион, спроведено за потребите на ЈКП „Дервен“ од Велес, во рамките на проектот „БИОРЕАЛ“, како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција.
„Количеството отпад од вино во Вардарскиот регион е значајно и големо и затоа гледаме како тој биоразградлив отпад да го управуваме и да ги искористиме неговите можности како компост или енергенс. Така би ги намалиле и трошоците за одлагање и собирање на депонија“, кажа Александар Бузалков, координатор на проектот.
Лани во Вардарскиот регион, на површина од 11.200 хектари, биле добиени 107,5 илјади тони грозје. Од него биле добиени 156.608 тони вино. Отпадот добиен од кастрење на грозјето изнесува 22.384 тони, а отпадот од преработено грозје во вино 20.776 тони. Тоа е вкупен отпад од 43.000 тони. Биоразградливиот отпад создава и екопроблеми.
„Се создава метан на депонии и отворени простори, со 23 пати поголемо влијание врз климата од јаглероден диоксид, се загадуваат површински и подземни води со фосфорни и азотни соединенија од отпад од домашни животни, има бактериолошко загадување на водите“, кажа Славјанка Пејчинова-Андонова, консултант во изработката на студијата, спроведена од „Епицентар“ од Скопје.
Од 37,8 илјади тони отпад што годишно се создаваат во Вардарски регион, половина е биоразградлив и има потенцијал за користење, се вели во студијата.
П. ПЕЧКОВ