Во чест на 40 години од именувањето на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип отворена е нова уметничка галерија. Фоајето на Домот е со нов современ дизајниран ентериер, уметнички прилагоден за настани од областа на културата, пред сè за изложби, за разни ликовни колонии, музички и слични настани.
„За галеријата што ја насловивме како ‘Галерија 22’ потрошивме околу 6.000 евра сопствени средства што ги собиравме од продажба на билети за настани што се случуваа на големата сцена на Домот, па еве сега неговото фоаје го направивме во едно убаво уметничко катче каде посетителите можат да добијат и освежителни пијалоци“, вели директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, Горан Трајков.
Отворањето на галеријата беше збогатено со изложбата „ Квадратот низ графики и цртежи“ на ликовниот уметник Валентина Илијевска од Куманово, потоа во вториот дел на фоајето се изложени повеќе дела на шест жени ликовни уметници од Виница, Кочани и Штип, со изложба на народни носии од членовите на КУД „ Ристо Донев-Учителот“ и со промоција на првиот број на списанието „ Актант “ , магазин за уметност што ќе излегува како подлисток на месечниот весник „ Штипски глас“.
Т. ЈОВАНОВСКИ