Палмите на охридскиот кеј, кои се украс на сите приморски градови, измрзнаа. Ниските температури им ги овенаа листовите и покрај тоа што стеблата се покриени со дебели слоеви на заштитна фолија. На кејот ги има околу триесетина. Со голо око е видливо дека дрвјата венеат и прашање е дали овој обид Охрид да заличи на некој медитерански град долгорочно ќе успее.
Жарко Караџоски, директорот на јавното претпријатие „Македонски шуми“, јавното претпријатие кое ги набави палмите, не одговараше на повици, но од скопски „Паркови и зеленило“, кои, исто така, добија палми велат дека треба се почека да дојде пролет за да се утврди како дрвата ја поднеле зимата.
Јавното претријатие „Македонски шуми“ за набавка на 1.100 палми потроши скоро пола милион евра, палмите, според директорот Караџоски, беа набавени согласно одлуката на Владата, а набавката се реализира преку програмата за рурален развој.
“Лани засадивме палми, експериментално, со тоа што садевме ниски садници и видовме дека може да успеат во Македонија. Освен тоа, делуваат убаво и ги разубавуваат туристичките места”, рече во 2015 директорот Караџоски во изјава објавена на веб страницата на јавното претпријатие. Палмите беа засадени скоро во сите поголеми градови низ Македонија.
Вработени во „Паркови и зеленило“ велат дека нивниот сегашен изглед во Охрид не е мерило за тоа дали преживеале и дали има штети на дрвјата и колкави се ќе се знае извесен период по симнувањето на обвивката од јута со која се замоткани.
Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ веќе неколку години по ред објаснува дека стеблата на палмите дополнително ги заштитуваат со јута која не дозволува да замрзнат иако и незавиткани тие издржуваат температури од -15 степени.
Палмите во Охрид беа засадени пред неколку години, а целата активност се одвиваше преку ЈП „Охридски Комуналец”, кој има искуство во одгледувањето на садници за автохтони растенија, но не и на палми кои припаѓаат на некои други подрачја на Земјината топка.
Првата палма беше поставена пред зградата на некогашното музичко училиште од приватно лице. Но таа тогаш во зима целата беше покриена со голема пластична фолија. Меѓутоа, и тоа не и помогна да опстои.