Здружението за безбедност на вода и планина „Македонски спасител“ од Велес одбележа 15 години работа, а за тој период членувале 50 волонтери кои помагале во пронаоѓање на изгубени, исчезнати лица во планина, на лица давеници во вода. Спасувале луѓе, но и животни.
Велат дека епизодата од Стајковци од големата поплава во август 2016 ќе ја помнат цел живот, како големо животно искуство.

Во овој период од 15 години, Здружението обучило 80 спасители на мирни и брзи води. (Фото: „Македонски спасител“)
„Во Стајковци бевме повикани од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) да помогнеме. Имавме доста интервенции, но една случка и до ден денес ја помниме, кога спасувавме овци. Дојде некој човек, името го заборавив, нѐ молеше да ги спасиме неговите овци, некои се задавиле, а имало живи, нив да ги евакуираме. Прашавме до надлежните од ДЗС, тие дадоа потврда дека може да интервенираме. Имаше 10-15 овци на една височинка, сè околу беше под вода. Како ги товараме, пренесувавме, овците плачеа, нив им течеа солзи. Како ли им било на луѓето во Стајковци, кога ги спасуваа, кога едно животно заплака. Тоа ни дава мотив да продолжиме со нашата активност“, вели Ангел Пановски, претседател на Здружението.
Кога започнале со работа, мисијата била зголемена безбедност на водените површини и планинските предели, преку создавање на тим за спасување, составен од повеќе специјалности. Целта била превенција преку едукација на посетителите на водените површини.
„Сè што изминатите години реализиравме, ни дава за право да кажеме дека сме успеале во нашите планови“, вели Пановски.
Во овој период оствариле институционална соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), како државна институција, со Операција Флоријан од Манчестер, кои помогнале со донација на опрема и возило. Првата меѓународна соработка била со Здружението ИСЛА сурф од САД, во 2013,2015, 2017 година, во јавноста познати како „чуварите на плажа“ кои помагаа во обучување на спасители на отворени води – езера и мориња. Со Операција Флоријан 2017 и 2019 имале специјализирана обука за спасување на брзи води.

Кога започнале со работа, мисијата била зголемена безбедност на водените површини и планинските предели, преку создавање на тим за спасување, составен од повеќе специјалности. Целта била превенција преку едукација на посетителите на водените површини. (Фото: „Македонски спасител“)
„Целта ни беше да воспоставиме спасителна служба на езеро Младост. Таа функционираше од 2013 до 2020 кога при реализација на проектот ‘Паметно езеро Младост’ беше срушена спасителната кула, а потоа никогаш не беше поправена. Таму дежуравме преку летото секој викенд и празник и имавме бројни интервенции“, додава Пановски.
Учествуваат како спасителна служба на Водици, пролетва обучувале спасители во Црна Гора. Биле спасителна служба на Светскиот параглајдинг куп во Крушево, на Европските младински спортски игри на Матка летово. Учествувале во евакуација на луѓе и добра во поплавите во Шабац, Србија во 2014.
Од нивните сеќавања извојуваат спасување на млад дечко кој се искачил на карпите од месноста Пешти да го симнат од височината, спасиле давител на езеро Младост, лани летото спасија четири лица, кои се изгубиле на стрмен терен на реката Пчиња. Во овој период од 15 години, здружението обучило 80 спасители на мирни и брзи води.
П. ПЕЧКОВ



