ПАЈТОНОТ ВЕЌЕ НЕ ВОЗИ НИЗ СКОПЈЕ

    ПАЈТОНОТ ВЕЌЕ НЕ ВОЗИ НИЗ СКОПЈЕГрад Скопје се откажува од овој проект на ексградоначалникот Коце Трајановски бидејќи како што велат е нерентабилен. (Фото: Фејсбук)

    Пајтонот веќе нема да вози низ плоштадот Македонија во Скопје. Град Скопје се откажува од овој проект на ексградоначалникот Коце Трајановски бидејќи како што велат е нерентабилен.

    „Годишно за работата на пајтонот и за два липицанери од буџетот на Град Скопје како субвенции се одвојувале 100.000 денари. Од кога почна со работа пајтонот па до крајот на 2017 година за него се потрошени 10,7 милиони денари, а остварениот приход од наплата на карти е само 1,2 милиони денари. Размислуваме што ќе правиме со коњите, станува збор за расни липицанери, па можно е да ги дадеме на хиподромот во Скопје“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Воведување на пајтонот во Скопје беше проект на ексградоначалникот Коце Трајановски, за разгледување на спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“. Почна со работа во мај 2013 година а за купување на коњите од Грција и набавка на кочија беа потрошени околу 40.000 евра. Цената на билетите за возење во пајтонот беше 50 денари за деца и 100 денари за возрасни.

    Градоначалникот Шилегов денес брифираше дека покрај отстранување на вртелешките од кејот, од водите на Вардар ќе се тргаат и трите скулптури со жални врби, како и прскалките кои не работат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира