На секои две години, на почетокот од годината, се чувствува недостиг на антидијабетна терапија. Така и оваа има недостаток на глукомери и ленти, беше кажано на одбележувањето на 25 години од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ).
„На секои две години, по месец-два немаме глукомери, немаме ленти. Годинава, таква е состојбата последните две седмици. Месец и пол има недостиг на антидијабетна терапија, која на пациентите со тип 2 им е особено значајна, за да не им се влошуваат компликациите што веќе ги имаат. Тоа значи дека лицата со дијабетес немаат можност да ги мерат своите покачени шеќери, тоа е можност за развивање на кардиоваскуларни, невропатски, бубрежни, срцеви и мозочни компликации, како и ретинопатија. Нема глукомери, старите се со истечени чипови и не можат да се користат, нема сензори за децата“, кажа Димче Велев, претседател на СЗДМ.
Според проценките на Сојузот, во Македонија има 135.000 до 140.000 граѓани со дијагноза дијабетес, 40.000 се на инсулинска терапија и од нив, 4.000 се тип 1 со автоимуна болест, што подразбира современи методи за континуирано мерење гликемија.
На настанот беше промовиран Прирачник за исхрана на дијабетичари, поделен на девет поглавја, кој покажува како да се применат и научат принципите за здрава исхрана.
П. ПЕЧКОВ



