Параглајдеристи и македонски иселеници од странство ја живнаа крушевската чаршија на неколку дена пред Илинден. Во кафулињата и рестораните во центарот на градот е раздвижено, за разлика од локациите со историско значење, каде одвај и да има по некој посетител. Крушевчани велат дека туристичката врева е за Илинден, ден пред и по празникот, а остатокот од годината градот живее од параглајдеристи и пензионери.
„За нас пензионерите животот во Крушево е за мерак. Чист воздух, нема голем метеж. Млади има како не, ама во Скопје. Сите си заминаа, оти нема работа. Што ќе прават овде? Фабрики нема, нешто се најавува дека ќе се отвори, па можеби ќе се вратат, ама не верувам. Еден капацитет за канабис и еден за тутун отворија. Ете, летачи има колку сакаш, сите странци во градот параглајдеристи се, од нив живее градот. Нема друго“, рече Петар Чунковски, крушевски пензионер.
Крушево е меѓу десетте топ дестинации за параглајдеристи во Европа. Се проценува дека на годишно ниво го посетуваат неколку илјадници љубители на ектремните спортови. Од нив најголем профит имаат угостителите.
„Дуќаните се затвораат , многу е тешко за работа. Работиме од сезона во сезона. Во зима еден месец и во лето два месеца, и тоа благодарение на параглајдеристите што доаѓаат зашто се одржува тука европско и светско првенство“, вели Кочо Костов, сопственик на ресторанот „Под липите“.
Занаетчиите во познатата крушевска чаршија се жалат дека тие не гледаат корист од странските гости.
„Само параглајдеристи има, ништо друго ни пред, ни по Илинден нема, освен на 2 Август. Но, зарем една ластовица ја носи пролетта? Многу малку иселени крушевчани ова лето се дојдени, оние кои имаат куќи тука. Градот ни беше околу 6.000 жители. Повеќето се иселија. Јас имам моментално шест другари со кои сум израснал и заминаа во Словенија“, ни рече сопственик на дуќан за пластика во чаршијата.
Во центрот на градот имаше повеќе пензионери отколку млади луѓе.
„Плати мали, дневници кои не задоволуваат и не може да се опстои тука. Моментално се градат фабрики, но кога ќе почнат со работа не знаеме. Сопругата моја работеше на пописот што беше запрен 2011 година, по некои тогашни податоци градот имаше 5.300 жители, сега нека има 1.500 до 1.700 жители. Буквално точно е дека е град на пензионери“, вели Методи Илиевски, пензионер од Крушево.
Наспроти радзвиженоста во центарот, скоро и да немаше посетители во Мaкедониумот, споменичен комплекс посветен на Илинден. И на Мечкин Камен беше пусто. Се разминавме само со неколкумнина странци кои ни кажаа дека се параглајдеристи, па возејќи велосипеди низ околните ридови во Крушево ја одржуваа кондицијата. На полетиштето поставена е вештачка трева и се пружа прекрасен поглед кон околината. Под дабовите сенки имаше неколку крушевски семејства кои правеа скара.
Поголема посетеност се очекува деновиве со приближувањето на празникот Илинден. Во пресрет на големиот празник, деновиве започна и манифестацијата „Крушево – град на култура, историја и традиција“ на која настапи групата Синтезис, организиран е Етно саем, Гитар фест, литературни читања, Вечер за театар. Крајот на овој настан ќе го означи пристигањето на коњаницата на 31 јули во 18 часот пред градскиот парк во Крушево.
Ж. ЗДРАВКОВСКА