ПАРИТЕ ПРЕДВИДЕНИ ЗА НАБАВКА НА МЕРНИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС ПРЕНАМЕНЕТИ ЗА ПЛАЌАЊЕ СТРУЈА

    ПАРИТЕ ПРЕДВИДЕНИ ЗА НАБАВКА НА МЕРНИ ИНСТРУМЕНТИ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС ПРЕНАМЕНЕТИ ЗА ПЛАЌАЊЕ СТРУЈАПарите се пренаменети поради високите сметки за струја. (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес парите предвидени за купување мерни инструменти за квалитетот на воздухот ги пренамени за плаќање на сметките за јавно осветлување. Ваквата одлука е донесена поради зголемените сметки.

    „Средствата наменети за мерните инструменти се бришат и тие се пренаменуваат за плаќање на сметките за електрична енергија. Со кратењето на овие ставки не значи дека тие програми нема да се реализираат“, кажа Петре Цилаков од Општина Велес.

    Набавката на мерни инструменти е тргната по писмото добиено од Министерството за животна средина, а по бараното мислење од страна на Општина Велес за набавка на мобилни сензори. И претходната локална администрација не ја спроведуваше одлуката на Советот, бранејќи се со ставот на Министерството, дека ваквите мерни инструменти не се квалитетни и не даваат веродостојни параметри. Во одговорот на Министерството било нагласено дека тие мерни инструменти се премногу осетливи на високите дневни температури и не ја давале вистинска вредност, и со нивната набавка и прикажаните вредности би се создала паника кај граѓаните.

    „Многу ми е жал што средствата за набавка на мерни инструменти се тргнати. Ние не баравме поставување на мобилни сензорни, туку на уреди за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Советничка група на СДСМ и во претходниот состав бараше да се постават такви мерни инструменти. Не може со една станица во град како Велес, во новиот дел да се добие целосна слика какви се параметрите во стариот дел на Велес“, рече Пандорка Прличкова, советничка од СДСМ.

    Таа се повика на промените за Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух од 2021 со кои се дозволува набавка на мерни инструменти кои ќе овозможат индикативни мерења. Со него се дозволува набавка на апарати кои даваат индиции дека квалитетот на воздухот не е во дозволени вредности.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа одлуката на Општината.

    „Како политичка партија поддржавме да се зголеми сумата за раззеленување на градот со повеќе цветен насад, наместо квалитетот на животна средина само да го мериме со мерни инструменти“, Елизабета Митревска-Анѓелеска од ВМРО-ДМНЕ.

    Советникот од ДУИ, партија која пред изборите се декларираше како „зелена“ со најава дека ќе работи на животната средина, по оваа точка не се јави за збор, ниту дискутираше.  Од Левица беа против ваквата одлука, но сепак таа беше изгласана бидејќи ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира