ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) од понеделник ќе биде надлежен за чистењето на општината. Хигиеничарите и машините за чистење ќе бидат префрлени под надлженост на ПОЦ, за како што велат од Општината, поефикасно организирање и одржување на јавната чистота.
Оваа одлука беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар. За хигиеничарите, иако ќе бидат префрлени во ПОЦ, финансирањето на платите ќе продолжи да се извршува од буџетот на Општината.
„Во делот на работењето, во делот на ова преземање на хигиеничарите разговаравме уште минатата година и тоа беше усогласено. Од 3 април се префрлаат сите хигиеничари заедно со механизацијата за кои и понатаму ќе се грижи општината. Имаме во програма и во буџет предвидено средства за истата. Имаме на број околу 110 хигиеничари. Ќе вложуваме и оваа година верувам и следната и ќе помагаме и ќе субвенционираме работење на ПОЦ поради тоа што и самите хигиеничари се таму и ние како општина мораме да одвојуваме средства и за нивните плати и за опремата којашто е на користење“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Обврски на хигиеничарите кои ќе работат во рамки на ПОЦ ќе бидат чистење на ѓубре, празнење на уличните корпи за отпадоци, чистење на суви лисја, гранки, одржување на зеленилото на јавните површини и паркови на територија на Општина Центар. Исто така, ќе се грижат за одржување на локалните улици, патишта, јавни пешачки површини и тротоари во зимски услови на подрачјето на Општина Центар чистење на пешачките премини, пешачките патеки, плочници и тротоари, целосно чистење на мостовите.
А. АНТЕВСКА