Партизанските гробишта во Битола останаа запуштени и на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Комуналните служби ги заметоа патеките пред гробиштата, иако од Општина Битола претходно ни рекоа дека нивното одржување не е во надлежност на ЈП „Комуналец“. Лисјата останаа по гробовите, надгробните плочи на борците се потемнети и оштетени, а приодот е руиниран, со раскопан бетон и дупки.
И покрај најавата од Општината дека екипи на „Комуналец“ ќе го уредат просторот на трошок на претпријатието, денес беше видливо само дека патеките се заметени. Не беше поправен руинираниот приод, дел од надгробните плочи останаа полураспаднати, а повеќето не се исчистени.
На Партизанските гробишта се наоѓаат гробови или надгробни плочи на десетици партизани кои ги дале животите за слободата на Македонија. Меѓу нив се народните херои Елпида Караманди, Таки Даскало, Тодор Ангелевски, Стив Наумов, Естреја Овадија Мара, Коле Канонски, Трифун Пановски и други. Надгробната плоча на народниот херој Тодор Ангелевски е меѓу потемнетите. Од десетиците надгробни плочи, само седум-осум се исчистени од Завод и музеј Битола.
На овие гробишта денес претставници на Општината, политичките партии и Сојузот на борци положија цвеќе во чест на хероите.
САКАМДАКАЖАМ.МК уште на 20 октомври објави репортажа за запуштената состојба на Партизанските гробишта и потребата од нивно уредување. Две недели подоцна, на самиот Ден на ослободувањето, состојбата остана речиси непроменета. Единствената видлива интервенција беше метењето на патеките.
Во меѓувреме, институциите си ја префрлуваа одговорноста за тоа кој треба да се грижи за гробиштата, па испадна дека тие практично се ничија надлежност.
Од службите на Општина Битола на 13 октомври добивме одговор дека за одржувањето на Партизанските гробишта е надлежен „Комуналец“. Но, на 30 октомври од истата Општина ни одговорија дека гробиштата, сепак, не се во надлежност на јавното претпријатие.
„Ве информираме дека надлежност на ЈП ‘Комуналец’ е чистење и уредување на Буковските гробишта, а дел од Партизанските гробишта во пресрет на празникот, иако не се во надлежност на ‘Комуналец’, негови екипи ќе ги уредат на трошок на претпријатието. Завод и музеј Битола има надлежност во делот на спомен-обележјата на гробиштата, а од нивна страна во тек е изработка на проект за реставрација на ‘Партизанските гробишта’“, ни одговорија од Општина Битола.
Директорот на „Комуналец“, Горан Степановски, во телефонски разговор ни рече дека само приодот кон гробиштата е во надлежност на претпријатието и дека ќе го поправат до крајот на годината. Според него, за гробиштата треба да се грижи Сојузот на борци.
Претседателот на Сојузот на борци, Стефан Бошков, претходно ни кажа дека уште пред триесет години, кога со закон биле прогласени за невладина организација, им биле одземени ингеренциите врз гробиштата. Тој рече дека досега до Општината поднеле десетина писмени и усни барања за санација на Партизанските гробишта и пристапната патека.
Денес, на Денот на ослободувањето на Битола, градоначалникот Тони Коњановски ги прими претставниците на Сојузот на борци во својот кабинет. Тој рече дека градот ја истакнува должната почит кон луѓето кои ги дале своите животи за слободата на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



