Околу пладне денеска, на железничкиот патен премин кај фабриката „Порцеланка“ кај Велес, патничко комбе беше удрено од железничко товарно возило дресина. Во несреќата полесно се повредени се 12 лица, од кои две се деца. Со три екипи и возила на Итната помош се пренесени во Велешката болница.
Од СВР Велес соопштија дека во сообраќајката учествувало такси комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, а управувано од Д. Ј. (52) од Чашка.
„На Одделението за ортопедија и хирургија беа донесени 12 лица, 10 возрасни и две деца. Кај сите пациенти се направени испитувања, рентгенски, лабораториски. Констатирано е дека немаат скршеници, немаат животно-загрижувачки повреди. Тоа се нагмеченици, набиеници. Ќе останат денес на опсервација и очекувам дека утре ќе бидат пуштени дома“, кажа дежурниот хирург д-р Ванчо Граматов.
Комбето сообраќало на линијата Велес-Мелница, од каде се и повеќето од 12-те повредени.
„Во целата несреќа среќна околност е што сите патници минале со полесни повреди. Превозникот е лиценциран, кој го работи меѓуопштинскиот сообраќај помеѓу Велес и Мелница и обратно. Повредените повеќето се од Мелница и двајца од Чашка, кои се враќале дома. Овие што се тука на местото се многу вознемирени“, кажа градоначалникот Горан Стојановски.
Сообраќајната несреќа се случила на обезбеден железнички премин, означен со хоризонтална сигнализација и сообраќаен знак Андреин крст. Машиновозачот на дресината објаснува дека кочел, но не можел да се избегне ударот, во задниот лев дел од комбето.
„Веднаш кога го видов дека е на преминот почнав да кочам. Тој не ни погледа кон мене. Возеше полека, оти преминот е издигнат. Бев скоро и сопрен, и го удрив со предниот дел. Кочев околу 200 метри, а на моторот за да сопре му се потребни 400 метри“, кажа машиновозачот Зоран Митровски.
Екипа на СВР Велес изврши увид на местото на сообраќајката.
П. ПЕЧКОВ