ПАТОТ НАД БИТОЛА ЗАТВОРЕН, А НЕКОЈ НАПЛАЌА ПАТАРИНА

    ПАТОТ НАД БИТОЛА ЗАТВОРЕН, А НЕКОЈ НАПЛАЌА ПАТАРИНА

    Некој на диво им наплаќал патарина на неупатени возачи кои сакале да минат низ обиколницата над Битола, а не знаеле дека овој регионален патен правец веќе два месеца е затворен за сообраќај.

    Возaчи од други градови веќе неколку дена со ред се жалат на социјалните мрежи дека некој од жителите на таканареченото Картон Маало, дива населба веднаш до патот, им наплаќал пари за да ги пропушти да поминат низ обиколницата.

    „Точно е дека ми наплатија. Бараа 100 денари, а јас се испазарив за 50 денари. Се јавив во полиција и прашав зошто е патот затворен, ми рекоа дека имало одрони. Полицаецот го прашав дали сака да му пуштам слики од патот да види какви одрони има? Ова е срам за цела држава. Камиони од 25 тони да минуваат низ Битола, да запираат на пешачки“, вели Мики Најдовски од Неготино.

    Тој ни испрати и фотографии направени на регионалниот пат, на кој наместо одрони од карпи има купишта смет и почна да наликува на депонија. Во текот на зимата жителите на Картон Маало ставаа смет на коловозот и го палеа кога ќе останеа без струја, како начин на бојкот.
    Во нивна близина неколку пати се јавуваа одрони од околниот рид. Надлежните ги расчистија одроните, но сепак одлучија да го затворат патот за сообраќај заради безбедност на минувачите, но и се спасија од блокадите..

    Иако патот е затворен, низ него секој ден минуваат вработени и возила за каменоломот на гранит кај Билбил Камен. Каменоломот уште работи иако нема добиено Б интегрирана дозвола, а рокот беше до 27 март.
    Битолчани се прашуваат кога патот повторно ќе се отвори за сообраќај зашто вака и тешките товарни возила минуваат низ центраот на Битола, па се оштетуваат улиците. (Ж.З.)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира