Единствениот патен правец за Галичник на две места значително е оштетен и опасен по учесниците во сообраќајот на месец дена до одржувањето на Галичката свадба. На едно место на патот Маврово-Галичник има големо свлечиште, а стотина метри понатаму има и снежна лавина која постојано се топи и прави ново свлечиште. Од Општина Маврово-Ростуше има само ветување дека патот на критичните места брзо ќе се санира, но веќе неколку месеци ништо не било преземено, а познатата манифестација треба да се одржи на Петровден на 12 јули.
„Во близина на месноста Царева Чешма на патот Маврово – Галичник уште во текот на зимата се јави свлечиште кое го стесни коловозот и оттогаш наваму по секој пороен дожд патот кај свлечиштето постојано попушта и се стеснува. Ние што често одиме за Галичник и големиот број туристи минуваме со страв. Посебно е опасно за големите автобуси, па во последно време можат да се забележат најмногу автомобили и комбиња, а автобусите го избегнуваат Галичник“, велат галичани.
„Деновиве имавме една туристичка тура од Скопје со 150 посетители на Галичник, но организаторот мораше наместо три автобуси да ангажира осум комбиња кои можат многу полесно да поминат на двете критични места. Во санацијата на патот треба да учествуваат и компаниите кои стопанисуваат најмногу со дрва затоа што тешките камиони натоварени со дрва сериозно го оштетуваат патот, а дождот и временските неприлики си го прават своето.“ вели локалниот туристички водич Павле Лукановски кој заедно со останатите соселани веќе почнале да ги средуваат црквите, отворениот амфитеатар на сред село и целиот простор каде се одржува Галичката свадба.
Градоначалникот на Маврово-Ростуше Медат Куртовски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека тие како општина помагаат за помали за санации, додека за вакви покрупни проблеми надлежноста била на ЈП „Македонија пат“ затоа што патот Маврово-Галичник е од регионален карактер.
„Стручни лица на ова јавно претпријатие и на министерството за транспорт и врски направиле првични испитување и наскоро ќе започнале со практичната санација“, вели Куртовски.
Галичани очекуваат активности за санација да иницираат и претседателот на државата Ѓорге Иванов како и министерството за култура како главни покровители на манифестацијата „Галичка свадба“ која како уникатен македонски бренд веќе е предложен да биде во листата на деветте културни фестивали во Европа.
Т. ЈОВАНОВСКИ