ПАЦИЕНТИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПОТПОРА НА СРЦЕТО ЕДНА ГОДИНА ГО ЧЕКААТ ВЕТЕНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ

    ПАЦИЕНТИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПОТПОРА НА СРЦЕТО ЕДНА ГОДИНА ГО ЧЕКААТ ВЕТЕНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ„Ова ќе биде големо олеснување за нас како пациенти, а не е големо оптоварување за буџетот сме околу 15 лица“, вели Јолески од Здружението „Храбро срце“. (Фото: СДК.МК)

    Пациентите со механичка потпора на срцето бараат ослободување од плаќање на партиципација за здравствени услуги. Ова им било ветено уште пред една година од здравствените власти, но до ден денес ветувањето не е исполнето.

    „Ова ќе биде големо олеснување за нас како пациенти, а не е големо оптоварување за буџетот оти нашата бројка е околу 15 пациенти. Тоа ни е дадено ветување и ние цврсто веруваме дека ќе биде исполнето и дека од почетокот на следната година ќе може да го уживаме тој благодет“, вели Васко Јолески, претседател на Здружението на пациенти со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“.

    Лани, во време на пандемија, за првпат во земјава беше извршена трансплантацијата на срце како највисоко достигнување во медицината во сферата на кардиоваскуларните заболувања.

    „Тоа е голем успех за нашата држава. Лекарите покажаа и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со колегите од врвните светски центри за таа намена. Се извршија трансплантациите, почна да се зборува за нив, луѓето почнаа да даруваат органи, а до неодамна сето ова беше табу-тема“, додава Јолески.

    Во земјава 25 пациенти чекаат трансплантација на срце, а пет се веќе трансплантирани.

    Од Здружението „Храбро срце“ велат дека и понатаму треба да се работи на подигнување на свеста кај населението за органодарителството бидејќи нема поблагодарна работа од тоа да се подари некому живот.

    Јолески вели дека треба да се менува и законското решение за доброволното изјаснување на пациентите за донирање органи кое, според постоечкиот закон, предвидува при евентуална можност за кадаверична трансплантација, последниот збор да го има најтесното семејство.

    „И покрај таква потпишана изјава, одлуката сепак ја носи семејството. Законот не е лош и е во општи норми, верски пред сѐ и етички, но можеби со една клаузула би можело да се додаде во законот измена дека доколку некој се изјасни за време на животот дека сака да е донор таа одлука да не може да се промени“, смета Јолески.

    С. ВРЕНЦОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира