ПАТУВАЧКАТА ИЗЛОЖБА ЗА БАЛКАНСКИОТ РИС ПРЕДУПРЕДУВА ДЕКА НЕГОВАТА ИДНИНА Е ЗАГРОЗЕНА, ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ИМА ОКОЛУ 40

    ПАТУВАЧКАТА ИЗЛОЖБА ЗА БАЛКАНСКИОТ РИС ПРЕДУПРЕДУВА ДЕКА НЕГОВАТА ИДНИНА Е ЗАГРОЗЕНА, ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ИМА ОКОЛУ 40Сакајќи да придонесе за заштита на рисот и за подобро запознавање на луѓето со неговото значење за природата, Македонското еколошко друштво организира изложба на која се претставени дваесетина најуспешни фотографии на балканскиот рис. (Фото: СДК.МК)

    Балканскиот рис e критично загрозен подвид кој живее исклучиво на Западен Балкан. Досега се регистрирани четириесетина возрасни единки во природата, при што меѓу неговите последни засолништа е и Шар Планина.

    Еколозите велат дека иднината на балканскиот рис е сериозно загрозена, а како главни причини за ова ги наведуваат загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност. Сакајќи да придонесе за заштита на рисот и за подобро запознавање на луѓето со неговото значење за природата, Македонското еколошко друштво во рамките на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ организира патувачка изложба на која се претставени дваесетина најуспешни фотографии на балканскиот рис, снимени со фотостапици на неколку локации во Македонија.

    „Оваа изложба е патувачка. Изложени се 21 фотографија, претежно снимени со фотостапици во текот на 18 години работа со овој метод. Во Македонија се регистрирани четириесетина рисови и тука е главнината на популацијата, има неколку единки и во Албанија и можеби една-две во Косово. Јадрото на популацијата е во Националниот парк ‘Маврово‘, како и во новоформираниот Национален парк ‘Шар Планина‘ и заштитеното подрачје Јасен. Го има и на Јабланица, Илинска Планина, а до пред некоја година се појавуваше и на Галичица. Ова значи дека рисот во Западна Македонија го има, меѓутоа густината не е толку голема и обично една единка живее на површина од 100 квадратни километри“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

    За да се заштити Балканскиот рис од целосно исчезнување потребна е голема посветеност, не само на еколозите, туку и на населението, особено тоа што живее во реоните на националните паркови. Со оглед на тоа дека популацијата на рисот е многу мала и тој живее на голема територија, можноста да се види во природа е многу мала, но важно е да се знае дека е присутен на овие простори.

    „Националниот парк ‘Шар Планина‘ е едно од потенцијалните подрачја каде што може да се најде балканскиот рис. Минатата година, нашата ренџерска служба успеа со трап камерите да забележи рис на една локација во Долна Лешница. За жал, годинава не успеавме да го фатиме со камерите, но најдовме негови траги и измет, што е знак за негово присуство на овие простори. Исто така, од локалното население слушаме информации дека рис е виден кај селата Бродец, Пожаране и Варвара, меѓутоа ова не е докажано“, вели Анела Ставревска-Панајотова, раководителка на Одделението за заштита на природата во НП „Шар Планина“.

    Оваа патувачка изложба досега ги посети националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“, Галичица, Ресен и оваа недела е во НП „Шар Планина“, а предвидено е да биде претставена и во други региони во Македонија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира