Во акција на Пазарната инспекција затворено е скопското кафуле „Интермецо“ бидејќи работело и после дозволеното работно време. Од Пазарна инспекција за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека меѓу угостителските објекти кои се затворени низ цела држава, санкционирано е и кафулето „Интермецо“ кое до сега неколку пати беше затворано по поплаки од граѓаните во скопската населба Капиштец во општина Центар.
„Од 15 ноември до 15 декември извршени се повеќе инспекции низ цела држава. За почитување на Законот за заштита од пушење контролирани се 472 објекти од кои парични казни за непочитување заработија 58 објекти. За прекорачување на работното време од контролирани 342 објекти казнети се 47 со прекршочни платни налози и решенија за затворање на објектот“, велат од Пазарната инспекција.
Од Пазарната инспекција велат дека во изминатиот период имало постојано пријави од граѓани дека одредени објекти работат до доцна во ноќта. Велат дека нема да се постапува селективно како во минатото, туку ќе се санкционираат сите оние кои не ги почитуваат законите.
Жителите на Капиштец постојано се жалат на бучавата од кафулето „Интермецо“. Тоа неколку пати беше казнувано и времено затворано од разни инспекции. Во предизборието минатава пролет, жителите од Општина Центар бараа политичките партии овој проблем да го стават во своите изборни програми.
А. АНТЕВСКА