ПЧЕЛАРИ ОД ТРИ КОНТИНЕНТИ УЧЕСТВУВААТ НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО ТЕТОВО

    ПЧЕЛАРИ ОД ТРИ КОНТИНЕНТИ УЧЕСТВУВААТ НА МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО ТЕТОВОРезултатите за тоа кој мед е најквалитетен се очекува да бидат соопштени наредниот месец откако ќе бидат завршени сите анализи и испитувања. (Фото: СДК.МК)

    Тетовските здруженија „Градот на пчелите“ и „Полошки мед“ втор пат по ред го организираат меѓународниот натпревар за квалитет на медот „Tetovo, Honey Award 2020“. По минатогодишниот успех на оваа манифестација, годинава бројот на учесниците е значително зголемен па и во битката за најдобар мед се натпреваруваат медари од три континенти. Манифестацијата има натпреварувачки карактер а квалитетот на медот го оценуваат реномирани стручни лица од оваа област.

    „Првин се изработува органолептичка анализа која ја работаат три екипи составени од декани и професори од факултети, а потоа ќе се направи и хемиска анализа. Имаме 370 мостри мед од 17 држави и од три континенти, покрај Европа оваа година имаме и од Австралија и Америка, што манифестацијата ја прави една од најголемите во Европа. Ова, во вакво време на корона вирусот е голема работа не само за Тетово туку и за Македонија. Јас предлагам да се обединат сите држави и овде да биде центар за оценување на квалитетот на медот. Медот на Балканот е најквалитетен мед во цела Европа. На пример, Германците скапо го плаќаат нашиот мед само за да го помешаат со нивниот и да го подобрат квалитетот. Затоа треба да им се помогне на младите луѓе да почнат да се бават со пчеларство бидејќи пласманот на добриот мед е загарантиран и има добра цена“, вели Слободан Јефтиќ, меѓународен оценувач на мед.

    Манифестацијата се одржува на Факултетот за технологија на храна при Универзитетот во Тетово.

    „Ме радува податокот што Македонија има навистина квалитетен мед. Тоа беше потврдено и на Меѓународниот натпревар во Тузла, Босна и Херцеговина, каде учествуваа 40 пчелари од Македонија. Од страна на сите експерти кои учествуваа во оценувањето, македонскиот мед беше прогласен за најквалитетен во поширокиот регион на Балканот и почнаа да го именуваат како „течен дијамант од Македонија“. Да, Македонија има квалитетен мед но, ни недостига организација за да можеме тој квалитетен мед да излеземе на светскиот пазар. За тоа ни е потребна поддршка од државата и локалните институции за Македонија да стане светски бренд за квалитетен мед“ изјави Дритон Дикена, Претседател на здружението „Градот на пчелите“.

    Пчеларите се жалат дека оваа година беше лоша за медарите а на тоа се надоврза и пандемијата со ковид-19 и тоа многу се одрази на количините мед кој е собран.

    „Најголемиот проблем со кој се среќаваат пчеларите се специфичните климатски промени кои ни се случуваат во поново време и кои нагло го намалија приносот на мед по пчелно семејство. Ова се случува на глобално ниво а се чувствува и кај нас. Така, ако пред 10 до 15 години од едно пчелно семејство можеше да се добие по 20 до 30 килограми, денес ако добиеме 10 килограми мед се смета за голем успех“ вели Владимир Антовски, пчелар од село Жилче.

    Резултатите за тоа кој мед е најквалитетен се очекува да бидат соопштени наредниот месец откако ќе бидат завршени сите анализи и испитувања.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира