Педесетина паднати дрвја и откорнати покриви на неколку локации, се првичните бројки од вчерашното невреме кое го зафати Скопје. Ветерот кој дуваше со 70 километри на час го откорна покривот и на средното хемиско училиште Марија Кири Склодовска, а булеварот Партизански одреди до 3 часот по полноќ беше блокиран од покрив кој падна од станбена зграда. Дрво падна врз градинка во Чаир, а од паднати дрвја оштетени се и неколку возила.
За половина час Противпожарната бригада регистрирала 150 јавувања на граѓани.
„Синоќа екипи од Град Скопје и на јавните претпријатија интервенираа на седум локации кои беа најкритични. До сега немаме информации за поголема матријална штета и повредени граѓани. Откорнат е и покривот на Хемиското училиште, кој бил реновиран во 2009 година“, велат од Град Скопје.
Во моментов екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ се на терен и работат на расчистување на штетите. Велат дека има голем број паднати дрвја низ цел град и во секој момент добиваат нови повици, па точната бројка ќе ја знаат во текот на денот.
А. АНТЕВСКА