ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД КАВАДАРЦИ ОЧЕКУВААТ ДВЕ МЕСТА НА СОВЕТНИЧКАТА ЛИСТА НА ВМРО-ДПМНЕ

    ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД КАВАДАРЦИ ОЧЕКУВААТ ДВЕ МЕСТА НА СОВЕТНИЧКАТА ЛИСТА НА ВМРО-ДПМНЕРокот за поднесување советнички листи за локалните избори истекува денеска на полноќ. - Советот на Општина Кавадарци (Фото: СДК.МК)

    По најавата за излегување со независна советничка листа на претстојните локални избори, која ќе ги застапува нивните интереси, од Здружението на пензионери за Кавадарци и Росоман велат дека тие се надеваат на две места на листата на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го потврди претседателот на Извршниот одбор на Здружението, Ристо Анѓушев.

    Дознаваме дека на ваквата одлука претходела средба со висок локален функционер на таа партија, кој ги советувал да одат заедно, за да не се ситни гласачкото тело и дека и на ваков начин нивните интереси ќе бидат застапени во идниот Совет на Општина Кавадарци.

    „Очекуваме две места, од кои едното понапред и добитно, па ќе видиме што ќе биде. До полноќ е рокот за поднесување на листите. Доколку влеземе во комбинација како што се договаравме, ќе повикаме околу 7.200 пензионери, членови на нашето Здружение, да ја поддржат таа листа. Нивно е дали ќе го прифатат нашиот повик или ќе гласаат по сопствено убедување“, рече Анѓушев.

    Заедничките преговори ги потврди и Горица Пеливанова-Вилхелм, претседател на Општинскиот комитет на партијата и претседател на Советот на Општина Кавадарци.

    „Јас сум за тоа да има двајца претставници на пензионерите на листата и се борам за тоа едното од нив да биде добитно. Но, листата се уште не е дефинирана, за тоа одлучува партијата“, кажа Пеливанова-Вилхелм.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира