Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа за втор мандат уште во првиот круг.
„Голема благодарност за охриѓани за, јас би рекол, референдумската поддршка којашто ја добив, историски најголема поддршка којашто некогаш на било кои избори се случила. На тоа, бескрајно благодарам. Начинот, динамиката, идеите и проектите кои ги направивме во изминатите 4 години сега ќе бидат на уште појако ниво. Голема благодарност до охриѓани и за поддршката за градоначалник која, како што кажав, ќе биде повеќе од 10 илјади разлика. Во моментов се пребројуваат и резултатите на советничките листи и го следи соодносот на 3 према 1 со СДСМ како втора партија по бројот на гласови. И тука следи историска победа“, изјави Пецаков.
Пецаков кажа дека капиталните проекти коишто се отпочнати, како Плоштадот Чинар, катната гаража која е тендерски завршена и е избран понудувач, ќе бидат првите кои ќе почнат во наредниот период.
„Вечерва со овој резултат покажавме како се работи. Тоа ми создава уште поголема обврска и одговорност на самиот себе да покажам дека ова што ми го дадоа како доверба охриѓани ќе го исполниме во наредните 4 години“, изјави Пецаков.
С. ВРЕНЦОВСКА