Утрово планинар при совладување на тежок терен на планината Пелистер ја скршил ногата и не може да се движи, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.
По добиената пријава за повреден планинар, тие итно го мобилизираа тимот за спасување од планина чии припадници се упатија кон местото каде што се наоѓа повредениот планинар, а кое е оддалечено неколку часа од последната позиција до која може да се стигне со возило.
Спасувачката акција заврши успешно. Повредениот планинар, кој е велешанец, од страна на тимот за спасување од планина беше пренесен до Горна Ливада, од каде го презедоа припадници на МВР и со хеликоптер беше пренесен во Битола. Лекарска помош укажана му е во Клиничката болница во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА