ПЛАНИНАРИ И РЕНЏЕРИ ЗАБЕЛЕЖАЛЕ МОЖНИ ТРАГИ ОД РИС НА ПЕЛИСТЕР

    ПЛАНИНАРИ И РЕНЏЕРИ ЗАБЕЛЕЖАЛЕ МОЖНИ ТРАГИ ОД РИС НА ПЕЛИСТЕРПоследен пат на Пелистер рисот е забележан во 2013 регистриран на ноќна снимка од скриените камери за мониторинг. (Фото: Архивска фотографија)

    Планинари и ренџери забележале траги од животно на Пелистер за кое се претпоставува дека е рис. Ова диво животно не е забележано на планината од 2013, кога на една од скриените камери за мониторинг на биодиверзитетот во паркот беше регистрира ноќна снимка на рис. Сега повторно се вратија надежите дека рисот го има на Пелистер и годинава ќе бидат поставни повеќе фотозамки за да биде уловено на фотозапис.

    „Имам фотографирано траги од животно, за кои никој ни од ловцитете, ни другите познавачи на животинскиот свет на планината не можат да отријат од кое животно се. Фотографирав стапалки на 60 до 70 сантиметри, не се четири стапалки, туку една зад друга, па се поставува прашањето дали со скокање одел низ снегот. Сликано е над село Ниже Поле по Дебел Рид за Големо Езеро“, вели фотографот Петар Ставрев, кој денес имаше изложба „Убавините на Пелистер“ по повод 75-годишнината од прогласувањето на првиот национален парк во земјава.

    Зоран Пројчевски, шумарски инженер во Паркот, вели дека рисот го имаат во програма за мониторинг со надеж дека повторно ќе го фотографираат и ќе докажат дека го има на Пелистер.

    „Последен пат од 2013 година имавме и фотографија дека бил забележан, од тогаш за жал не е. Но, некои од планинарите и ренџерите забележуваат траги кои мислиме дека се од рис. Фотозамките се камери кои имаат напојување со батерија и поврзани се со Интернет и во моментот кога ќе помине животното се фотографира и добиваме на е-пошта“, вели Пројчевски.

    Еден рис има биолошка територија на движење околу 5.000 хектари. Според територијата, на Пелистер би можело да има околу 2 до 3 риса кои би се движеле на повисоките надморски височини на местата каде е граници меѓу шума и почеток на пасишта.

    „Знаејќи ја билогијата на рисот таму ги поставуваме камерите. А годинава ќе има повеќе камери за да го детектираме“, вели Пројчевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира