ПЛАНИНАРИТЕ ГО ЧИСТАТ „КОПАНКИ“, ИМААТ И ПРОЕКТ ЗА ОБНОВА

    ПЛАНИНАРИТЕ ГО ЧИСТАТ „КОПАНКИ“, ИМААТ И ПРОЕКТ ЗА ОБНОВАПланинарскиот дом е во сопственост на ПСК „Пелистер“, а од Општина Битола деновиве испратија соопштение дека се подготвени да го обноват, но прво да им се префрли сопственоста на објектот. - Од работната акција за чистење на „Копанки“ (Фото: ПСК Пелистер)

    Како што некогаш битолчани доброволно го градеа планинарскиот дом „Копанки“, така викендов планинарите од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ и други граѓани доброволно се зафатија со расчистување на опожарениот дом. Во доброволната работна акција се изведуваат подготвителни земјени работи со цел санација на домот кој изгоре пред пет години. Планинарите и доброволците го чистат домот од разрушени градежни материјали и вегетацијата со која беше обраснат. Акцијата го носи името „Сите за Копанки, Копанки за сите“.

    „Го расчистивме местото каде што порано беа двете големи сали, претсобјето, ходниците. Акцијата наиде на одзив кај граѓаните, а посебно нѐ радува што се собраа млади битолчани да помогнат, ги има триесетина. Прво мора да се расчисти местото, а потоа имаме проект за обнова на планинарскиот дом ’Копанки‘ изработен од овластена куќа, поточно од архитектот Оливер Спасеновски. Уште од 2013 година имаме жито сметка и имаме нешто и средства, а ете се преговара и со Општината“, рече Димче Попов, претседател на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“.

    Култниот дом „Копанки“ што го изградија битолчани уште во 1938 година носејќи градежни материјали пеш и на рамо, кој со години беше сврталиште на планинари и туристи, изгоре пред пет години. За пожарот никој не понесе одговорност. Во изминатиот период не беше обновен зашто претходната локална власт изјавуваше дека е дивоградба па треба да се легализира. Легализацијата се случи во 2015, но сепак од домот до сега останаа само рушевини.

    Инаку планинарскиот дом е во сопственост на ПСК „Пелистер“, а од Општина Битола деновиве испратија соопштение дека се подготвени да го обноват, но прво да им се префрли сопственоста на објектот. Од општината истакнаа дека ќе прифатат да им се отстапи домот под услови прифатливи за ПСК „Пелистер“. Планинарите допрва ќе одлучуваат за тоа, но велат дека нема голема волја да се предаде сопственоста. Додаваат дека сакаат на местото да се подигне планинарски дом како што беше во минатото, сврталиште на секој добронамерник, место каде посетителите ќе можат да се напијат чај.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира